Благо намалување на бројот на новоинфицирани од ковид-19, остануваат истите мерки

Засега нема потреба од нови рестриктивни мерки, поради тоа што има благо намалување на бројот на новоинфицирани од ковид-19, сметаат надлежните. Ковид сертификатите остануваат да важат, а денеска ќе се знае како и кога ќе биде спроведен скринингот во училиштата. Министерот за здравство Беким Сали вчера кажа дека има благо намалување на бројот на новоинфицирани, и оти се следи состојбата со капацитетите на болничките кревети. Сепак, тој е дециден дека намалување на рестриктивни мерки нема да има, поради тоа што согласно епидемиолошката состојба, во државата има многу мал број вакцинирани, а се уште продолжува пикот на четвртиот бран. Комисијата за заразни болести денеска ќе ја одржи и првата седница во нов состав, при што меѓу другото, треба да се одлучува како и кога ќе биде спроведен скринингот во училиштата што го најави министерот.

Скринингот ќе биде изведен преку центрите за јавно здравје кои ја водат евиденцијата на сите позитивни случаи. Комисијата за заразни болести се состанува секој вторник, затоа што тоа се смета како ден за евалуација на епидемиолошката недела од понеделник до понеделник.

Во меѓувреме, согласно податоците од Институтот за јавно здравје, вчера беа направени 3.197 тестови, а регистрирани се 711 нови случаи со ковид-19. Починале 22 лица, а има 7.170 оздравени пациенти. Досега во земјата се направени вкупно 1.788.251 тестирања на ковид-19. Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 268.901. Бројот на оздравени пациенти е 246.864, на починати е 8.409. Има вкупно 13.628 активни случаи.

Треба да знаете
Последни објави