Search

Спектакуларно дерби на „Олимпико“: Рома испушти 3:1 и загуби од Јуве

Екипите на Рома и Јувентус одиграа лудо дерби на „Олимпико“ во Рим, по кое се радуваа гостите од Торино со 3-4 (1-1). Пресметката од 21. коло во италијанската Серија А понуди многу драма, пресврти, два атрактивни погодоци и славје на „бјанконерите“.

Римјаните прокоцкаа победа, бидејќи испуштија водство од 3-1, а потоа промашија и пенал за реми. Со ова Јуве се одлепи пред ривалот и сега има шест бода повеќе на петтото место.

Драмата во Рим започна со водечкиот погодок на Тами Абрахам. Напаѓачот на „волчицата“ по центаршут на Верету од корнер ја круниса доминацијата на својот тим со гол со глава за 1-0. Сепак, иако Јувентус беше инфериорен успеа да израмни. Пауло Дибала изведе мајсторија во свој стил, откако доби топка од Киеза, одлично ја прими и со неверојатно прецизен и атрактивен шут со левата нога погоди за 1-1 во 18. минута.

Откако во првиот дел Рома не успеа пак да дојде до водство, тоа им појде од рака по паузата. Хенрик Михтарјан со одмерен удар од работ на шеснаесетникот во 48. минута успеа да ја врати позитивата на римскиот тим. Рома пак поведе и одново на потег беше „старата дама“.

Сепак, наместо налет на Јувентус, следеше и трет погодок на „волчицата“. Лоренцо Пелегрини изведе мајсторија и директно од слободен удар само пет минути по голот на Михтарјан ја удвои предноста на Рома на 3-1. Жозе Мурињо беше задоволен, но следеше шок од страна на Јувентус.

За само седум минути резултатот од 3-1 за домаќинот дојде до 3-4 и предност на гостите. Надежта за Јуве ја врати Мануел Локатели, кој со глава стрелаше за 3-2 во 70. минута. Веќе во 74. минута Дејан Кулушевски налета на лошо одбиена топка и погоди во мрежата на Руи Патрисио за израмнување. Рома беше во шок, па тоа го искористи Јувентус за целосен пресврт. Матија Де Шиљо прелесно проби по левата страна, влезе небранет во шеснаесетникот и со квалитетен удар со десната нога погоди за 3-4 и делириум на играчите во „црно-бели“ дресови.

За драмата да биде уште поголема се погрижи Матијс Де Лихт. Стоперот од Холандија со рака блокираше удар на Абрахам, а иако тоа речиси никој не го забележа, се „јави“ ВАР-системот. Судијата Давиде Маса ја погледна ситуацијата и покажа на белата точка, ама Лоренцо Пелегрини биеше катастрофално и Шчесни му го одбрани ударот. Згора на сè, Де Лихт беше исклучен и во завршницата римјаните притиснаа со човек повеќе. За среќа на гостите од Торино, Рома не успеа да го пронајде патот до мрежата на полскиот голман.

Попладневосе одигра и натпреварот меѓу Џенова и Специја, кој заврши со гостинско славје (0-1). Македонскиот фудбалер Горан Пандев одигра едно полувреме и не успеа да помогне неговиот тим да избегне пораз.

Треба да знаете
Последни објави