Search

МВР на Казахстан: Ноќта беше направен обид да се упадне во зградата на полицијата во Алмати, десетици напаѓачи елиминирани

Министерството за внатрешни работи на Казахстан соопшти дека синоќа демонстрантите се обиделе да упаднат во зградата на полицијата во Алмати и дека десетици од нив, како што се наведува, биле „ликвидирани”.

„Ноќта беше направен обид да се упадне во зградата на полицијата во Алмати, а десетици напаѓачи се елиминирани”, се вели во соопштението на полицијата, пренесува РИА Новости.

Како што е наведено, војската го напуштила Плоштадот на Републиката во Алмати.

Претходно, агенциите пренесоа дека неколку оклопни транспортери и десетици војници утринава марширале на главниот плоштад во Алмати, најголемиот град во Казахстан, каде веќе трет ден стотици луѓе протестираат против владата.

Следеше судир меѓу војската и вооружени лица меѓу оние кои протестираа.

Протести поради високите цени на горивото избија на 2 јануари во регионот Мангистау во југозападен Казахстан, а два дена подоцна протести го зафатија Алмати, југоисточниот дел на земјата и други градови.

На 4 и 5 јануари во Алмати избија судири со безбедносните сили, а полицијата употреби гас и шок бомби.

Интернетот беше исклучен низ цел Казахстан, а емитувањето на голем број ТВ канали беше привремено прекинато, јави РИА Новости.

Треба да знаете
Последни објави