Search

Нова победа на МЗТ во АБА2 лигата

Кошаркарите на МЗТ Скопје продолжуваат со одличните игри сезонава во АБА2, откако вечерва, со фантастична игра во нападот, лесно и убедливо го совладаа Ловќен (100-81), за шести триумф во седмиот меч во регионалното натпреварување.

Аеродромци доминираа од првиот до последниот момент, а клучната предност ја обезбедија во првиот и третиот период, кои ги добија со огромни 67-41. Сино-белите имаа перфектен шут од поле, кој постојано беше над 60-отстотна успешност, поради што нивниот триумф во ниту еден момент не беше загрозен. Тие постигнаа 14 тројки со реализација на секој втор удар од оваа позиција, а беа неверојатно доминантни и во скокот (43-32) и во тимската игра, што најдобро се гледа по двоцифрениот број повеќе асистенции (26-16).

Избраниците на тренерот Дарко Радуловиќ во третиот период во неколку наврати имаа предност и од 29 поени, по што очекувано дојде до опуштање, кое го искористи противникот за делумно да ја намали негативата. Дастин Вер уште еднаш одигра докторски со 19 поени, шест скока и четири асистенции, од кои 13 беа уште во првата четвртина, додека зад него беа Адем Мекиќ со 15 поени и по осум скока и асистенции, како и Роберт Рикиќ и Бојан Крстевски со по 11 поени.

МЗТ Скопје по турнирот во Сараево останува второпласиран на табелата со скор 6-1, веднаш зад досега неприкосновениот Борац Бања Лука, кој ќе биде домаќин на следниот турнир во јануари, каде што исто така ќе се одиграа три кола.

Треба да знаете
Последни објави