Search

Лазаров го освои Лига-купот на Франција со Нант

Најдобриот македонски ракометар на сите времиња додаде уште еден драгоцен метал во својата раскошна колекција, оној од Лига-купот на Франција. Во финалето, Нант беше сигурен против Шамбери со 28-21.

Нант главната победа за овој пехар ја оствари во полуфиналето, кога го совлада Монпелје (27-26) токму со „бомбата„ на Лазаров на 18 секунди до крајот, бидејќи во финалниот натпревар немаше ни трошка неизвесност со Шамбери. Нант ја најави победата со блага иницијатива во првото полувреме, кое го доби со 13-10, а во второто ја надгради таа предност, предводен од голманот Нилсен, кој потоа беше прогласен за МВП. Кога предноста дојде до 25-20 во 55. минута, епилогот беше јасен.

Ова е само втор пехар за Лазаров во дресот на Нант, откако во септември 2017, само што дојде го освои „Трофејот на шампионите“, меѓутоа, многу често на тоа натпреварување не се гледа како еден од вредните пехари во Франција, бидејќи претставува разигрување пред новата сезона, па затоа ова е, практично, прв од „големите“, односно од Лигата или двата Купа на Франција.

Нант, пак, досега имаше само еден пехар во Лига-купот, од 2015 година, но во сезоната пред да се приклучи Лазаров, затоа овој успех беше прославен со голема радост, на завршниот турнир во Мец.

Треба да знаете
Последни објави