Search

Трет пораз за шампионот: Севилја го реши Атлетико Мадрид

Шпанскиот шампион Атлетико Мадрид потона и во Андалузија после вечерашниот пораз од Севилја во дербито на ова 18-то коло во Ла Лига, по што четата на Диего Симеоне влезе во неверојатна криза со трет загубен меч во серија и веќе сигурно загубени безмалку сите шанси за битката за одбрана на шампионскиот пехар.

Севилја победи со 2-1 во трилер-завршница во која Лукас Окампос ја обезбеди големата победа со гол на две минути пред крајот на мечот, па андалузијците останаа на пет бода разлика од лидерот и најтрофеен шпански клуб Реал Мадрид.

Сепак, победата на Севилја ќе се памети и по спектакуларниот гол што го даде хрватската ѕвезда Иван Ракитиќ во седмата минута за водство. На словенечкиот голман Јан Облак му се стемни, откако Ракитиќ испрати вистинска ракета, која ја искина неговата мрежа од 30 метри, но Фелипе го врати Атлетико во мечот во 33-та минута со гол за израмнување.

И кога сите чекаа реми, две минути пред крајот на регуларниот дел, Окампос ги шокира мадриѓаните за триумф на Севилја и продлабочување на грижите на аргентинскиот стратег Симеоне. Неговата скапа чета трет меч по ред губи во Ла Лига, па остана на 29 бода, еден помалку од Рајо Валјекано со Столе Димитриевски на голот, кој е четврти, ама со дури 13 бода заостаток зад „кралскиот клуб“, а полусезоната уште не е дојдена. Атлетико во оваа ужасна серија загуби прво од Мајорка, па во градското дерби со Реал и сега со втората Севилја.

Немаше среќа Атлетико во судиското надополнување, зашто шутот на Жоао Феликс заврши во пречката во петтата минута од дополнителното време. Атлетико остана на 29 бода на петтото место, колку што има и Реал Сосиедад после денешниот четврти пораз во низа. Севилја до 35 се зацврсти на второто место, четири пред третиот Бетис.

Треба да знаете
Последни објави