Search

Елче даде два гола за 90 секунди, но Барса се спаси од бламажа со триумф на Камп Ноу

Фудбалерите на Барселона го совладаа Елче на „Камп Ноу“ со 3:2 во рамките на 18. коло во шпанската Ла Лига.

Домашната екипа, десеткувана од повреди, го започна мечот со повеќе играчи од сопствениот погон од она што е вообичаено, па дури и за оваа сезона. Но, и покрај тоа младите играчи на Барса „летаа“ на теренот,

Каталонците потсетија на некои подобри времиња со течната и брза игра, а се чини дека и на Чави му е полесно кога има играчи кои ги разбираат и сфаќаат неговите барања. Младиот Феран Жутгла за првпат се најде во стартниот состав, а веднаш ја оправда довербата откако во 16. минута го доведе домашниот тим во водство по асистенција на Дембеле, и тоа откако претходно му беше поништен еден гол поради офсајд.

Само три минути подоцна новиот „бисер“ од „Ла Масија“, Пабло Паез Гави, блесна на теренот. Доби топка на средина од теренот, одлично се ослободи со финта од својот чувар и тргна кон противничкиот гол и со прецизна завршница зголеми на 2:0.
Дембеле беше одлично расположен за игра, со неколку пробиви и додавања ја сечеше одбраната на гостите, но Барса не го искористи тоа, за уште поубедливо водство во првите 45 минути.

Многу повеќе возбудувања следуваа во вториот дел, откако младиот тим на Барса испушти два гола предност во период од само една минута. Најпрво Тете Моренте погоди од работ на шестнаесетникот во 62 минута, а подоцна истиот играч го проигра Пере Мила кој со глава го совлада Тер Штеген.

Барса мораше да тргне од нула и покрај одличната игра, Каталонците тргнаа прилично офанзивно, а тоа на крајот се исплатеше. Повторно во главната улога беа младите фудбалери на Барса, а овојпат Гави го проигра Нико кој со одличен удар ја затресе мрежата на гостите за конечни 3:2.

Барселона со оваа победа се најде на 7. место со 27 бодови, додека Елче е на 16. место со 15 бодови и ги чека борба за останување во лигата. Во следното коло Барселона ќе игра против Севиља (преостанатиот натпревар од 4. коло, за три дена).

Треба да знаете
Последни објави