Search

„Приказна од западната страна“ на Спилберг со разочарувачка заработка од 10,5 милиони долари

И покрај буџетот од 100 милиони долари и одличните рецензии, римејкот на „Приказна од западната страна“ (West Side Story) во режија на трикатниот оскаровец Стивен Спилберг доживеа разочарувачки почеток на киноблагајните.

Адаптацијата на омилениот мјузикл, во која глумат Ансел Елгорт и Рејчел Зеглер, дебитираше со само 10,5 милиони долари од продажба на билети, според проценки на студиото објавени во неделата.

Слабиот број на продадени билети главно се должи на бавното враќање на гледачи во киносалите среде пандемија на Ковид-19 и варијантата омикрон што сега се шири низ светот.

Без обзир на тоа, со сценарио на Тони Кушнер и Рита Морено која се враќа на својот револуционерен филм 60 години подоцна, раскошната продукција од 100 милиони долари веќе предизвика значителна врева за Оскар.

Оригиналниот бродвејски мјузикл „Приказна од западната страна“ е меѓу најомилените мјузикли. Филмот од 1961 година, во режија на Џером Робинс и Роберт Вајз, заработи 43,7 милиони долари (или околу 400 милиони долари прилагодени на инфлација) и освои 10 „Оскари“, вклучувајќи го и тој за најдобар филм.

Сè уште може да се очекува дека West Side Story ќе изигра добро низ профитабилниот празничен коридор, кога поновите филмови како Spider-Man: No Way Home („Човек-пајак: Далеку од дома“) и Sing 2 („Пеј 2“) најверојатно ќе бидат најзастапени.

Треба да знаете
Последни објави