Search

Руд преку Рубљов до полуфинале со Медведев на Мастерсот во Торино

Норвешкиот тенисер Каспер Руд закажа полуфинална пресметка со Данил Медведев во второто полуфинале на завршниот Мастерс во Торино, откако попладнево по три сета го победи Андреј Рубљов со 2-6, 7-5, 7-6.

Сосема неочекува пресврт направи Руд со два исцрпувачки сета, откако Рубљов многу лесно го доби првиот со 6-2, па сѐ изгледаше дека без поголема мака ќе победи и ќе го обезбеди полуфиналето од групата во која Новак Ѓоковиќ по само две кола веќе се пласираше како првопласиран.

Но, Норвежанецот не се предаде ни кога се најде со брејк заостаток во вториот сет, па успеа да го врати тој брејк и на крај со нов да дојде и до израмнување во мечот, а во третиот во израмнета борба во која секој си го освојуваше својот сервис, Рубљов дојде до брејк шанса која Руд ја спаси, а потоа мечот мораше да се решава со тајбрејк.

Во тој тајбрејк, Руд од почеток имаше два поени предност и на 6-5, рускиот тенисер не можеше да се спаси, па на крај потклекна и го загуби мечот.

Ѓоковиќ од 21 часот само формално треба да го одигра мечот со Камерон Нори од Велика Британија, зашто утре од 14 часот го чека дуелот со Александер Зверев во полуфиналето.

Треба да знаете
Последни објави