Search

Вардар се посрамоти во Битола, загуби од вториот тим на Еурофарм Пелистер

Вториот тим на битолскиот ракометен суперлигаш Еурофарм Пелистер приреди големо изненадување совладувајќи го актуелниот првак Вардар (27:26) во домашното првенство.  Вардар се посрамоти во Битола иако допатува како апсолутен фаворит. Не ја оправда улогата на паркетот. Еурофарм Пелистер 2 водеше во текот на целиот меч и на крајот заслужено дојде до сензационалната победа, олеснувајќи му ја работата на својот прв тим во битката за титулата, каде зедно со Вардар се главни фаворити.

Вардар на овој меч настапи без Дибиров, Кевин Њокас, Кудуз… но имаше доволно силен состав за овој натпревар. „Црвено-црните“ го постигнаа првиот гол на мечот, но потоа следуваше серија на битолскиот тим за 3:1, водеа и со 6:2. На одморот се замина со водство на Еурофарм Пелистер 2 од 14:11.
При крајот на мечот Вардар дојде до израмнување 24:24, но Еурофарм Пелистер 2 не дозволи пресврт.
Битолчани поведоа со 27:25, не остана многу време за Вардар кој со гол во последните секунди успеа само да намали на 27:26, што беше конечниот резултат на овој меч. Еурофарм Пелистер 2 заслужно ја славеше најголемата победа во клупската историја.
Павле Атанасијевиќ со шест гола беше најефикасен кај Еурофарм Пелистер 2, Кузмановски и Петровиќ постигнаа по 4, во составот на Вардар Георгиевски и Тото постигнаа по 6 гола, Моралес 4.
Треба да знаете
Последни објави