Search

Села: Заев тоне, од понеделник почнуваме со процесот за ново парламентарно мнозинство

Претседателот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села вечерва на дебатниот магазин „Click Plus“ на ТВ21 најави дека од понеделник ќе почне процесот на формирање ново мнозинство во Собранието.

-Коалициските партнери на Заев нема да сакаат да одат со Заев на наредните избори, затоа што гледаат дека Заев тоне. Тие имаат и пратеници сега. Ние ќе создадеме ново мнозинство, рече Села.

На прашањето каде ќе најдат уште петмина пратеници, колку што им недостасуваат заедно со ВМРО-ДПМНЕ, Села рече дека тоа ќе може да се види во понеделник.

-Немам контакт со нив (Левица), ќе видиме. Ќе земеме можеби и од ДУИ пратеници. Како и да е, од понеделник ќе започне процесот на собирање на доволен број пратеници и создавање на ново владино мнозинство!, најави Села.

Тој посочи дека чудно му е што премиерот Зоран Заев е многу критичен кон него, а токму со негова помош станал премиер.

-Слушам и гледам дека Зоран Заев е доста критичен со мене последно време. Чудно, да. Чудно е затоа што таму каде што е сега, е со моја помош. Гледам со ДУИ сега се во добри односи. Лани беа противници, сега се заедно. Имаат коалиција со ДУИ за овие избори. И како одговор на тоа, ние направивме соработка со ВМРО-ДПМНЕ, вели Села.

Треба да знаете
Последни објави