Search

Алек „Теранова“ сведочеше како се купувалe плацевите на Водно за Груевски

Сведокот Александар Ивановски, познат како сопственик на фирмата „Теранова“, на денешното рочиште за случајот „Плацеви на Водно“ откри како се купувале станови и плац на Водно за Никола Груевски преку неговата секретарка, пишува Плусинфо.мк.

Тој рече дека имал преземено некои активности околу формирање на фирмата „Сирах инжинеринг“ во Македонија по барање на, како што рече, неговиот пријател Сашо Мијалков.

Ивановски рече дека управител на офшор компанијата „Сирах лимитед“ бил Ристо Новачевски, а кога обвинителката Лиле Стефанова го праша да објасни како дознал кој е управител, сведокот рече дека тоа му го кажал неговиот пријател Мијалков кога требало да купи плац од 11.000 метри квадратни на Водно, по цена од 1,5 милион евра.

Според Ивановски, плацот имал повеќе сопственици, а извесен Горан од Будва, кој исто така бил сопственик, ги застапувал и останатите. Плацот бил стекнат по пат на денационализација, а се наоѓал во близина на шестата управа на МВР, спрема сртот на Водно.

Тој раскажа дека со Горан од Будва се сретнале во Скопје, разговарале за плацот, а подоцна Мијалков му рекол да исконтактира со Ристо Новачевски, затоа што неговиот пријател бил заинтересиран да го купи. Ивановски рече дека од Новачевски разбрал дека тој е управител на „Сирах инжинеринг“, фирма-ќерка на оф шор компанијата од Белизе. Кога се договориле, во Скопје дошол Горан од Будва и договорот бил потпишан, а потоа чекале пари на сметката на фирмата за да го платат плацот.

– Јас немав лични интереси да проверувам дали тој плац е влезен во ДУП и во ГУП, но Мијалков ми рече да појдам во општината и да проверам. Откако проверив, видов дека на тој плац може да се гради во рамки на ДУП-от за Тасино Чешмиче – рече Ивановски.

Тој откри дека Мијалков му кажал дека плацот е за Груевски. Тоа се случило откако во 2015 СДСМ почна да ги објавува „бомбите“ и во тој контекст Мијалков наводно му рекол на Ивановски „Ете гледаш дека не те лажев дека плацот не е за мене“.

Сведокот рече дека немал лични контакти со Груевски околу купувањето на становите, но дека Груевски во неколку наврати му се јавил телефонски или со порака на Ивановски од унгарски број во 2018 година при што се интересирал за купување станови во Центар. Сакал да купи станови за неговата сопруга и за децата.

На 20 октомври 2020, пак, сведокот имал пропуштен повик од Груевски, а тоа било откако Ивановски веќе дал исказ во Обвинителството за организиран криминал за случајот „Плацеви на Водно“.

Треба да знаете
Последни објави