ОН: Економијата на Јемен пропаѓа, хуманитарната криза расте

Две третини од населението во Јемен има потреба од хуманитарна помош, но хуманитарните агенции повторно се без пари, предупредуваат од ОН. – Економијата на Јемен пропаѓа, хуманитарната криза се зголемува, а конфликтот во таа земја, најсиромашната во арапскиот свет, се влошува, изјави заменик генералниот секретар на Обединетите нации (ОН) за хуманитарни прашања, Рамеш Рајасингем на брифинг во Советот за безбедност на ОН. Тој посочи дека на повеќе од 20 милиони граѓани на Јемен, две третини од населението, им е потребна хуманитарна помош, но дека хуманитарните агенции повторно останаа без пари

Хуманитарните агенции сега им помагаат на 13 милиони луѓе во земјата, околу три милиони повеќе од пред неколку месеци, изјави претставникот на ОН, додавајќи дека со зголемувањето на бројот на луѓе на кои им помагаат е одложен непосредниот ризик од глад од големи размери.

ОН предупредија дека хуманитарните агенции немаат доволно пари за да продолжат во тој обем и дека до четири милиони луѓе би можеле да имаат намалена помош за храна во следните недели и месеци, а таа бројка може да се зголеми на пет милиони до крајот на годинава.

– Ги повикуваме сите да сторат сé што е во нивна моќ за да го одржат темпото кое го поставивме во изминатите месеци за да ја истераме гладта, додаде Рајасингем.

Јемен е во граѓанска војна од 2014 година, кога бунтовниците Хути, поддржани од Иран, ја презедоа контролата врз главниот град Сана и голем дел од северот на земјата, принудувајќи ја меѓународно признатата влада да избега на југ, а потоа и во Саудиска Арабија.

Треба да знаете
Последни објави