Search

Објавен Конкурсот за учество на 12. школа за млади лидери на поранешниот претседател Иванов

Денеска е објавен конкурсот за учество на Меѓународната обука за млади лидери на поранешниот шеф на државата Ѓорге Иванов, која оваа година ќе биде на тема: „Лидерство во акција”.

Програмата на „Школата за млади лидери на претседателот Иванов”, која ќе се одржи по 12-ти пат, е намената за млади луѓе со завршено високо образование до 35 години, дипломирани студенти и професионалци со работно искуство.

Како што информираат од кабинетот на поранешниот претседател Иванов, се очекува учесниците да имаат желба континуирано да ги развиваат и усовршуваат нивните лидерски вештини и да придонесуваат за позитивен развој на општеството и околината во која живеат и работат.

Оваа година, Школата за млади лидери ќе се организира комбинирано, онлајн и со физичко присуство, следниот месец, во периодот од 12-28 ноември 2021 година.

Обуката опфаќа предавања од предавачи од земјата и од странство, фокусирани на искуствата и знаењата кои би ги поттикнале учесниците да размислуваат аналитички и да креираат заеднички решенија за предизвиците со кои се соочуваат. Предавањата ќе се одвиваат на македонски и англиски јазик.

Бројот на учесници на Школата е ограничен, а право на учество имаат сите млади кои ги исполнуваат условите наведени во конкурсот објавен на веб страната и на фејсбук страната на поранешниот претседател Иванов.

Иванов беше шеф на државата од 2009-2019 година, а Школата за млади лидери се одржува од 2010 година. Во досегашните 11 обуки учествуваа околу 440 млади луѓе од целата земја, но и од странство, со различен академски и професионален фокус, а предавања одржаа над 220 реномирани предавачи од земјава, Европа и светот. Во 2018 година, Школата за млади лидери е прогласена за најдобар социјално одговорен проект во Европа за 2017 година од страна на Светскиот инвестициски форум на бизнис ангели.

Треба да знаете
Последни објави