Урбаните заедници во општина Аеродром ќе прераснат во локални сервиси, кои ќе испорачуваат различни услуги за граѓаните, ќе ги поврзуваат жителите со подрачните единици на министерствата и другите државни органи, изјави Александар Филиповски, кандидат на СДСМ и коалицијата за градоначалник на општина Аеродром.
Филиповски посочи дека службениците во рамки на овие урбани заедници ќе го информираат и локалното население за услугите кои ги нудат другите институции, а се важни за граѓаните од одредена населба.
За да се постигна проактивна и двонасочна комуникација, локалната самоуправа ќе креира и мобилна апликација. Аеродромци ќе можат да комуницираат со градоначалникот, советниците и општинските сектори и на дигитален начин.
- Граѓаните преку оваа дигитална алатка ќе можат да поднесуваат барања, да го следат статусот на својот предмет (во која фаза е, кај кој службеник е распореден), да аплицираат за субвенции за велосипеди, еднократна помош, но и да даваат иницијативи за своето маало, напомена Александар Филиповски.
Аеродром ќе ја зголемува својата транспарентност и двонасочна комуникација, кои се клучни за се намали и корупцијата во заедницата, но и да се зголеми довербата на граѓаните во локалната самоуправа.