Search

Будимпешта ја поддржа Варшава откако полскиот суд го доведе во прашање законодавството на ЕУ

Унгарија е единствената земја во ЕУ што ја поддржа контроверзната одлука на Уставниот суд на Полска, според која делови од законодавството на ЕУ се некомпатибилни со Уставот на Полска, јави ДПА. Според владината резолуција потпишана од десничарскиот премиер Виктор Орбан, одлуката е резултат на „лошите практики на европските институции”, објави денеска државната новинска агенција МТИ.

„Се прават напори да се лишат земјите-членки од овластувањата што никогаш не ги отстапија на ЕУ без измена на договорите на ЕУ и преку притаено продолжување на надлежностите”, се вели во резолуцијата.

Во четвртокот, полскиот Уставен суд утврди дека делови од правото на ЕУ се некомпатибилни со Уставот на Полска, во одлука со која на националното законодавство се даде предност пред правото на ЕУ, доведувајќи го во прашање еден од камен темелниците на европската правна заедница.

Одлуката беше поздравена од владата, но наиде на скептицизам во Брисел, бидејќи дополнително го подгрева конфликтот меѓу Европската комисија и Варшава околу реформата на полскиот судски систем.

Полската национална конзервативна влада со години го реструктуираше судството. Критичарите ја обвинуваат за притисок врз судиите, пренесува ДПА.

Како одговор, Франција и Германија експлицитно ја повикаа Полска да ги почитува правилата на ЕУ.

Во меѓувреме, Унгарија исто така се соочи со критики за поткопување на демократијата и владеењето на правото.

Владите во Варшава и Будимпешта се поддржуваат едни со други и се закануваат со вето на мерките на ЕУ кои бараат едногласност во Советот на ЕУ.

Треба да знаете
Последни објави