Search

Самитот на Неврзаните во Белград ќе го обезбедуваат повеќе од 3.000 полицајци

Претстојниот Самит на Движењето на неврзаните, кој ќе се одржи на 11 и 12 октомври во Белград, ќе го обезбедуваат 3.243 припадници на Министерството за внатрешни работи, а се очекува да пристигнат 117 делегации со 572 членови, соопшти денеска српското МВР.

Министерот за внатрешни работи Александар Вулин денеска изјави дека сите организациони единици во рамките на тоа Министерство се подготвени за почеток на настанот „Неврзаните 2021″ и дека сите меѓународни делегации ќе бидат обезбедувани на највисоко ниво, пренесе агенцијата Бета.

По посетата на Оперативниот штаб во Единицата за обезбедување одредени лица и објекти, формиран во пресрет на 60-годишнината од основањето на Движењето на неврзаните, тој ги „замоли” граѓаните на Белград” да покажат гостопримство и љубезност.

– Нека нашите гости посакаат да се вратат во Белград, рече Вулин.

Движењето на неврзаните е најголемата група држави по Обединетите нации. Самото име настана како идеја дека движењето ќе биде политичка алтернатива за земјите кои сакаат да избегнат да се одлучат за воено-политички блок и да артикулираат независен надворешно-политички пристап.

Во септември 1961 година, функционери од 25 земји се собраа на првата Конференција на Движењето на неврзаните во главниот град на Србија (тогашна Социјалистичка Федеративна Република Југославија).

Меѓу оние што зборуваа на настанот беа светски државници како индискиот премиер Џавахарлал Нехру, египетскиот претседател Гамал Абдел Насер, претседателот на Индонезија Сукарно и лидерот на СФРЈ Јосип Броз Тито, на чија иницијатива конференцијата и беше одржана пред шест децении.

Треба да знаете
Последни објави