Search

Два гола на Манасков во победата над Барса

Покрај дуелот Вардар 1961 – Алборг, денеска се одиграа уште четири натпревари од двете групи во ракометната Лига на шампионите. Веспрем на македонскиот репрезентативец Дејан Манасков на домашен терен славеа минимална, но голема победа против Барселона со 29:28.

Нашето десно крило во овој триумф над каталонскиот гигант придонесе со два голови. Од неговите тимски колеги најефикасни беа Маргуч со осум голови, пет запиша Ненадиќ. На спротивната страна за шпанскиот претставник по пет голови имаа Гомез, Лангаро и Ричардсон.

Во рамките од истата група „Б“ Кјелце го запиша и вториот триумф овојпат на гостувањето кај Мотор Запорожје со 25:26, а Флензбург ремизираше со ПСЖ (27:27).

В четврток ќе се одигра и последниот дуел од третото коло во оваа група, Порто на нашиот голман Никола Митревски гостува кај романскиот Динамо Букурешт.

На табелата моментно по четири бодови на делба на првото место се Барселона, Веспрем и Кјелце, три ПСЖ, по два Порто, Динамо Букурешт и Мотор Запорожје и еден Флензбург.

ППД Загреб и Елверум исто така одиграа нерешено (27:27) во групата „А“ каде што сега води Вардар со пет бодови, по четири имаат Алборг и Кил, три Пик Сегед, два Елверум, по еден Монпеље и ППД Загреб, а без бодови Мешков Брест.

Колото во оваа група ќе биде комплетирано в четврток со дуелите Мешков Брест – Пик Сегед и Монпеље – Кил.

Треба да знаете
Последни објави