Search

Вардар потсети на шампионските денови, падна и вицешампионот Алборг

Македонскиот ракометен првак Вардар 1961 потсети на најдобрите денови и со голема победа над дански Алборг (30-28) си ги зголеми шансите за подобар пласман во групната фаза од ракометната Лига на шампиони.

По успехот над Мешков Брест, вардарци покажаа дека кога играат пред домашната публика не признаваат фаворити. Херој на натпреварот беше голманот Борко Ристовски, кој имаше над 50% ефикасност во одбраните и запиша 16 интервенции.

Натпреварот почна изедначено, резултатот беше 4-3 на страната на Вардар, а потоа Алборг почна да игра во препознатлив стил. Избраниците на Вујовиќ грешеа во напад, а данскиот првак го покажа скандинавскиот стил на игра и преку брзи контри направи серија од 0-5 и го сврте мечот во своја корист (4-8). Тоа беше знак за тајм-аут на Веселин Вујовиќ, кој ги разбуди своите играчи со советите дека не смеат да брзаат и да се наттрчуваат со ривалот. На Вардар му годеше паузата, се доближи на 10-11 преку Дибиров, а потоа почна шоуто на Борко Ристовски кој меѓу стативите го замени Мартин Томовски.

Искусниот голман на Вардар беше главен играч на теренот. Фати неколку топки и го држеше македонскиот тим во игра. На полувреме беше 16-16, а на стартот на второто полувреме Жереми Тото врза два гола и донесе 18-16 за „црвено-црните“. Во тоа време, Борко фати две нови топки. Кевин Њокас потоа донесе „плус три“ за македонскиот тим, првпат на мечот (20-17) и Алборг оттогаш беше во подредена улога.

Гостинот успеа да се доближи до резултатот на Вардар на петнаесетина минути пред крајот, кога имаше 22-21. Меѓутоа, Кевин Њокас повторно блесна и домашниот тим ја врати комотната предност (23-21). Предноста од два гола за Вардар остана на семафорот и на тринаесетина минути пред крајот, а проблем беше исклучувањето кое судиите од Србија го доделија за вардарци.

Веселин Вујовиќ реши да го искористи третиот тајм-аут и да го смири својот тим. Алборг беше во налет, имаше позиција да дојде пак на еден негатива, но Борко Ристовски не дозволи такво нешто. Два гола повторно врзаа браќата Кевин и Оливие Њокас, за 28-24, на нешто повеќе од пет минути пред крајот. На две минути пред крајот – драма! Алборг дојде во позиција да напаѓа за реми, ама Ристовски пак одбрани. Во клучниот напад погоди Оливие Њокас (30-28), па следеше нова одбрана на Борко, за комплетирање на феноменалниот меч со 16 одбрани.

Најдобар беше Оливие Њокас со седум гола, пред Тимур Дибиров со шест гола, додека Жереми Тото имаше 5/5, сите голови ги постигна во вториот дел. Кај Алборг, Бјорнсен даде шест, додека Сандел беше реализатор на пет погодоци.

Вардар по три кола е без пораз во ЛШ. Македонскиот тим има две победи и едно реми. Следната рунда закажана во средината на месец октомври носи домашен натпревар против француски Монпелје (13.10).

Треба да знаете
Последни објави