Search

Денеска е Отсекување на главата на Св. Јован Крстител

Православните христијани денеска го одбележеуваат празникот Отсекување на главата на Свети Јован Крстител. Празникот посветен на погубувањето на св. Јован Крстител што секоја година се празнува на 11 септември во народниот говор се среќава под различни имиња: Св. Јован Сечиглав, Св. Јован Отсечен, Св. Јован Опсечен итн. Поради значењето на овој светец црквата овој ден го прогласила за строг пост.

Последниот старозаветен пророк свети Јован е наречен Крстител затоа што го крстил Исус Христос во реката Јордан. Тој е наречен и Претеча што значи претходник, зашто со своето учење навистина му претходел на Исус, одел пред него, го повикувал народот на покајание и го најавувал доаѓањето на Спасителот. „Јас ве крштевам со вода, а тој што ќе дојде по мене ќе ве крсти со Дух Свети“, говорел свети Јован додека го покрстувал народот. Многумина Јудејци доаѓале кај него за да бидат крстени, а многумина го почитувале како вистинскиот Спасител.

Во времето кога Јован проповедаше во Палестина, во Галилеја владееше Ирод Антипа, еден од синовите на оној Ирод што насекаде се прослави со својот расипан карактер. Овој наследи некои особини од татко му, па ја избрка својата законита жена и живееше незаконито со Иродијада, жената на својот се уште жив брат Филип. Јован отворено и пред целиот народ го прекоруваше и го разобличуваше за тоа, па Ирод го затвори.

Во една прилика Ирод приреди гозба во својот дворец. Ќерката на Иродијада, Саломија, го восхити Ирода со својата страствената игра на гозбата, така што овој замаен од пиењето и вети се што ќе посака. Саломија, поучена од мајка и, која не можеше да му го прости јавното разобличување на Јована, ја побара главата на пророкот. Ирод нареди и Јован беше обезглавен. Иродијада продолжи да се изживува над мртвата Јованова глава и го избоде неговиот јазик со игли. Подоцна еден дворски слуга чесно ја закопа главата на свети Јован Крстител. Наскоро злосторниците ги снајде заслужената казна. Првин кнезот Арета, таткото на законитата Иродова жена, подигна војска и го порази Ирода, а подоцна цезарот Калигула го протера во Галија, па во Шпанија, каде Ирод и Иродијада ги завршија своите неславни животи во беда и понижување. Саломија, пак, ја снајде лоша смрт во реката Сикорис.

Треба да знаете
Последни објави