Search

Платите за вработените спречени од коронавирусот да одат на работа ќе се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор

На предлог на Министерството за труд и социјална политика на оваа седница е утврден Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за социјална заштита за да се олесни и поедностави пристапот до правото на гарантирана минимална помош за лицата/домаќинствата во време на вонредни околности (утврдено постоење на кризна состојба, прогласена епидемија, односно пандемија, пожари, поплави или други големи природни непогоди).

Согласно динамиката на поднесени барања и траењето на пандемијата во наредниот период, со овие олеснувања се очекува да бидат опфатени околу 5000 нови домаќинства во 2021 година.

Владата на Република Северна Македонија ја разгледа и усвои Информацијата за регулирање на надомест на плата за привремена спреченост од работа  на вработени лица заболени од КОВИД-19 ( Коронавирус), вработени лица кои се во изолација  заради спречување на зараза но се асимтоматични и вработени лица кои имале контакти со заразени лица и се во самоизолација.

Во вториот заклучок по оваа точка се наведува дека висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од  работа на вработени лица во министерствата и органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје, заболени од КОВИД-19 ( Коронавирус), вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза но се асимтоматични (односно немаат знаци на болест), а за кои е констатирано дека се заболени КОВИД-19, ќе се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.

Согласно заклучоците, се препорачува висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од  работа на заболени вработени лица од КОВИД-19, вработени лица кои се во изолација заради спречување на зараза, но се асимтоматични (односно немаат знаци на болест), а за кои е констатирано дека се заболени КОВИД-19, а се вработени во приватниот сектор, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.

Висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од  работа на вработени лица кои имале контакти со заразени лица, а кои се вработени во  министерствата и органите на државната управа, организациите утврдени со закон, другите државни органи, правните и физичките лица на кои со закон им е доверено да вршат јавни овластувања, како и на општините, градот Скопје и општините на градот Скопје и се во самоизолација, да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.

Со заклучок на Владата по оваа точка се препорачува висината на надоместокот на плата за привремена спреченост од  работа на вработени лица кои имале контакти со заразени лица, а кои се вработени во  приватниот сектор и се во самоизолација,  да се пресметува и исплатува согласно закон и колективен договор.

На оваа седница е утврден и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за здравствената заштита, со цел да продолжат да важат одлуките донесени со Уредби со законска сила, како и заради формирање на Национална Комисија за имунизација.

Националната комисија за имунизација ќе ја предлага Програмата за имунизација што ја донесува Владата на Република Северна Македонија, со план и активности за координација на работата на сите субјекти вклучени во дистрибуција на вакцини и спроведување на имунизацијата.

Националната комисија за имунизација ќе ја следи вкупната состојба со имунизацијатa, нејзиниот опфат, квалитетот на вакцините и несаканите реакции од вакцините, ќе врши запознавање на здравствените работници и јавноста за потребата и предностите на имунизацијата, и ќе ја следи регулативата во областа на имунизацијата и нејзината имплементација, како и препораките на Светската здравствена организација.

Владата денеска го утврди и Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за здравственото осигурување со кој се продолжува примената, препишување и издавање на рецепти во електронска форма и по истекот на 31 декември 2020 година, и се уредуваат и други прашања од правата на граѓаните на здравствена заштита.

На предлог на Министерството за здравство денеска е утврден и текстот Предлог законот за изменување и дополнување на Законот за заштита од јонизирачко зрачење и радијациона сигурност, со кој се уредува постапувањето со радиоактивен и нуклеарен материјал, безбедното управување со радиоактивен отпад и искористени затворени радиоактивни извори, и со кој се назначува Институтот за јавно здравје како оператор на склад за радиоактивен отпад.

Треба да знаете
Последни објави