Search

Полицијата дојде дома по Исмаиловиќ, роднините се собраа да му дадат поддршка

Ги подготвува алиштата за во притвор. Ова е Агим Исмаиловиќ, обвинет во случајот „Монструм“.
Додека тој се подготвуваше, надвор се собраа неговите роднини и соседи за да го испратат и да му дадат поддршка. Неколку портали во текот на денешниот ден пишуваа дека Исмаиловиќ избегал од судот, но тој негира.

-Бев на рочиште од 11.30 часот и обвинителката Фатиме Фетаи побара притвор. Од таму, значи како по обичај, во петок на наш народен јазик се вика џума, отидов во џамија. Со пријателите од 12.30 часот пиевме по едно кафе околу половина час и кога ми јавија роднините дека дошла полиција дома и ме барале, но не оставиле ништо ниту повик да се јавам во полициска станица или да одам во станица. Само ме побарале дали сум тука-рече Исмаиловиќ.

 

 

Исмаиловиќ вели дека , откако полицијата не издала никаква наредба или информација, тој заминал од дома за да ја изврши попладневната молитва.

-Јас отидов на молитва и кога гледам „Фокус“ најавил дека сум избегал. Не е можно да избегам, бевме во суд, верските обичаи ги правиме еве дојдов и дома. Јас ја демантирам секоја вест што ја објавија разни портали-вели Исмаиловиќ.

 

 

Претходно обвинителката Фатиме Фетаи побарала на Исмаиловиќ и на Фејзи Азири да им биде изречена мерка притвор, поради ризик од бегство, бидејќи кривичната постапка била при крај, а аргументите не се во корист на обвинетите. Исмаиловиќ вели дека каква и да биде одлуката, не планира да ја напушти земјата во која е роден.

-И во суд ви кажав каква и одука да се донесе немам намера да бегам од дома, каква и да биде ќе ја прифатам со должна почит. Во мојата земја сум и тука ќе бидам додека сум жив-рече Исмаиловиќ.

Исмаиловиќ се поздрави со соседите и роднините, и со полициска придружба замина.

Инаку, изворите на ТВ21 од МВР, велат дека во моментот кога обвинителката Фатиме Фетаи побарала од Кривичен суд, на Агим Исмаиловиќ и Фејзи Азири да им биде изречена мерка притвор за случајот „Монструм“, Исмаиловиќ побарал да оди во тоалет, по што воопшто не се вратил во судница.

Во случајот „Монструм“ обвинети се Хаки и Фејзи Азири, Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Сами Љута. Предметот е на самиот крај, а според обвинителката Фетаи, остануваат уште само две рочишта.

Треба да знаете
Последни објави