Search

Економско –социјалниот совет дебатираше за одлуката недела да биде неработен ден

За одлуката недела да биде неработен ден и како таа да се преточи во законско решение денеска разговараше Економско –социјалниот совет  со кој претседаваше  министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.

Со цел да се слушнат сите мислења и ставови на присутните членови од Сојузот на синдикати на Македонија, Организација на работодавачи и владините претставници се отвори широка дискусија на која беа слушнати различни мислења во однос на ова прашање.

Притоа, од страна на присутните членови на ЕСС одлуката недела – неработен ден , како ден за семејството беше позитивно оценото.

Но, исто така се констатираше и дека исклучоци од оваа одлука  треба да има и да се однесува на оние дејности кои се оценети како работа во специфичен работен процес, односно нивното функционирање не смее да застане. Тука беа посочени индустриите и производството кое мора да има континуитет  и дејностите кои се од витално значење за граѓаните, како здравството, полицијата, противпожарната служба и други.

Со оглед на тоа дека се работи за комплексно прашање, изминатите денови беа направени бројни средби и консултации со сите засегнати чинители во процесот со цел изнаоѓање на најприфатливо решение кое ќе биде резултат на заеднички договор.

Од страна на министерката Шахпаска беше посочено дека разговорите продолжуваат и следните денови, но се очекуваат и дополнителни анализи кои ќе придонесат во изработка на првична драфт верзија, после која повторно ќе се направат консултации.

 

Треба да знаете
Последни објави