Search

Работен состанок како дел од подготовките за креирање на програмата за поддршка на земјоделството во 2021 година

Ве охрабрувам да инвестирате во домашниот агрокомплекс, ангажирајте нови луѓе во секторот и развивајте го договореното производство и кооперантските односи и користете домашни суровини и репроматеријали за да иницираме развој на домашните фирми, нови вработувања и зголемување на домашното земјоделско производство и преработка, им препорача министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Арјанит Хоџа на агробизнисмените присутни на денешниот работен состанок оргнизиран заедно со Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија при Стопанската комора на Македонија.

Работниот состанок, како што рече Хоџа, е организиран во склоп на подготовките за креирање на програмата за  поддршка на земјоделството во 2021 година, а неговата цел е МЗШВ да го слушне гласот на  бизнисот и сите предлози, забелешки и видувања за да може да подготви програма што ќе биде реалистичка и ориентирана кон развојот на земјоделскиот сектор. Тој истакна дека очекува до крајот на годината да има уште еден дополнителен состанок за, како што рече, да можеме да предложиме програма за првпат што ќе биде ориентирана повеќе во делот на развојните комопненти во земјоделството.

– Владата и МЗШВ се тука за да овозможат услови за стопанисување, а администрацијата е во ваша служба преку решавање на проблеми во целокупниот процес, а особено сега во време на пандемијата. Владата е тука преку сет мерки да ви помогне во мисијата да ја намалиме зависноста од увоз на она што може дома да се произведе, но и да се зголеми производството за извоз, како и да не се одлеваат девизи од државата за месо, млеко, житарици… Има средства од ЕУ фондовите аплцирајте ,користете средства од ИПАРД фондовите за модернизирање на производството и добивање на конкурентни производи, рече Хоџа во поздравниот говор.

Тој нагласи дека токму пандемијата со Ковид-19 покажа дека за секој граѓанин е најважно, најсигурно и најевтино домашното производство и додаде дека домашните агробизнисмени се во можност да освојуваат нови пазари и да изнаоѓаат нови партенри и им порача да бидат убедени дека МЗШВ ќе им помогне во тоа. Хоџа најави дека МЗШВ продолжува со директна поддршка преку субвенциите и решавање на сите барања на секторот.

Претседателот на Стопанската комора на Македонија, Бранко Азески рече дека е крајно време земјоделството и прехраната сериозно да се третираат затоа што, како што истакна, овој сектор има учество од 11,5 отсто во БДП и е најбрзорастечки во ЕУ. Сепак, посочи дека субвенциите достигнуваат огромно виско ниво, а не ги даваат очекуваните резултати.

Ѓорѓи Петрушев од Здружението за земјоделство и прехранбена индустрија посочи дека креирањето на политиките е најдобро кога се прави преку дијалог, а тие, како што кажа, се платформа којашто треба да го пренесе гласот и интересите на бизнис заедницата, но и платформа преку која бизнис заедницата може да даде придонес во креирањето на политиките и во импплментацијата на тие политики во интерес на целата економија.

– За значењето на земјоделството и прехранбената индустрија не треба многу да се кажува, тоа е еден од најголемите контрибутори во креирањето на БДП и во рамките на овие дејности делуваат преку 11.000 стопански субјекти и десетици илјади семејства ја остваруваат својата егзистенција од овој сектор. Во тие рамки анализите покажуваат дека производството на млеко и преработката на млеко, месната индустрија, мелничарството и лозарството и винарството се потсектори коишто имаат најголем потенцијал да се развиваат и најмногу да придонесат за растот на секторот на агрокомплексот. Меѓутоа, истовремено овие четири потсектори се и оние коишто во минатиот период се соочија со најголеми проблеми и оттука нашите предлози и мерки се фокусирани кон овие четири сектори, рече Петрушев.

Целта е, како што додаде тој, да се донесат мерки и активности коишто прво ќе обезбедат стабилизација и да се спречи натамошното опѓање на производната и суровинската база за да можеме потоа да зборуваме и за развој.

– Зборуваме за спречување на падот на сточниот фонд, спречување на намалувањето на количините на лебно жито, намалувањето на површините под лозови насади. Спротивно на перцепцијата дека овој сектор можеби и не беше толку погоден од кризта со Ковид-19, бидејќи обезбедува основни прехранбени производи, ситуацијата е многу поинаква. Дури 51 отсто од анкетираните субјекти во агрокомплексот изгубиле зделки во минатиов период. Падот на прометот се движи меѓу 20 и 40 отсто зависно од гранка и од субјект, и очекуваме дека профитабилноста ќе паѓа од 40, па дури и до 60 отсто во оваа година. Ова сето укажува на тоа колкуаво е значењето и сериозноста на овој дијалог и на изнаоѓањето заеднички мерки коишто ќе придонесат ситуацијата да прејде од опстанок кон развој, истакна Петрушев.

Треба да знаете
Последни објави