Search

Осуденик уапсен откако провалил во српски „јагуар“ на средно Водно, па веднаш испратен во „Идризово“

Основното јавно обвинителство Скопје поднесе Обвинителен предлог против две лица за кривично дело-тешка кражба од член 236 став 1 точка 1 во врска со член 22 од Кривичниот законик.

На 10 ноември, обвинетите, заедно со уште едно малолетно лице, од патничко моторно возило „Јагуар“ со српски регистарски ознаки, паркирано на паркинг-просторот на Средно Водно, одзеле: женска чанта марка „Гучи“, два пара очила марка „Гучи“, еден пар очила марка „Миу Миу“ и парични средства во износ од 1.710 денари и 2.670 српски динари. Вкупната вредност на украдените предмети изнесува 300.000 денари. Обвинетите со употреба на погоден тврд предмет го скршиле стаклото од предната совозачка врата, од предното совозачко седиште ја одзеле ташната и го напуштиле местото.

Јавниот обвинител за првиот обвинет достави предлог за определување мерка притвор, додека вториот обвинет веднаш е спроведен во КПУ „Идризово“ за издржување на други казни.

Против малолетното лице ќе биде спроведена посебна постапка, согласно Законот за права на децата.​

МВР вчера информираше дека полициски службеници од ЕВР Карпош околу 13 часот на Средно Водно ги лишиле од слобода Д.Д. (33), Ф.Д. (27) и Е.Н. (17), сите од Скопје, кои биле затекнати како провалуваат во автомобил „фолксваген Поло” со бугарски национални ознаки.

При преглед кај нив биле пронајдени украдените предмети, а исто така кај Д.Д. бил пронајден и блокатор.

 

Треба да знаете
Последни објави