Search

За Кацарска ќе се гласа на следно продолжение на 20. пленарна седница

Собранието на Република Северна Македонија во рамки на 20. седница попладнево откако во салата се собраа доволен број пратеници за кворум, донесе неколку закони. На седницата присуствуваа опозициски пратеници, кои дел од законите поддржаа, а за дел беа воздржани. Имајќи предвиде дека за предлогот Добрила Кацарска да биде нов уставен судија е потребно мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, гласањето за оваа точка беше оставено за некое следно продолжение.

Пратениците ги изгласаа предлог на законите за финансиска поддршка на физички лица кои вршат самостојна дејност погодени од здравствено економската криза предизвикана од вирусот COVID-19 за месеците октомври, ноември и декември 2020 година и на законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравственоекономската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, двата по скратена постапка, кои се поврзани со ребалансот на Буџетот.

Исто така беа донесени измените и дополнувањата на Законот за данокот на додадена вредност, на Законот за работните односи, по скратена постапка, како и измените на Законот за пензиското и инвалидското осигурување, трите по скратена постапка и измените на Законот за приватно обезбедување, во прво читање.

На 20. седница се останати уште неколку точки од дневниот ред, закони за коишто пред да гласа Собранието, треба да го поминат комисискиот филтер.

Треба да знаете
Последни објави