Search

Заев: Интегрирани сме во енергетски проекти за стабилно снабдување со гас за поголема конкурентност на стопанството и економски развој

Со интерконекторот со Грција, државата ќе обезбеди стабилно и континуирано снабдување со гас,  независност и конкурентни цени, што е во согласност со нашата долгогодишна енергетска стратегија за регионална соработка во енергетиката”, истакна претседателот на Владата на Република Северна Македонија Зоран Заев на денешниот увид на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар заедно со министрите Бектеши и Бочварски и директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи.

Премиерот Заев го поздрави напредокот на работните активности и истакна дека магистралниот гасовод е дел од изградбата на преносниот систем за гас во целата држава, како еден од врвните приоритети на Владата што е од исклучителен интерес за граѓаните и за стопанството.

„За три години направивме огромна разлика на планот на енергетиката. Од земја која што беше ставена во ситуација да биде зависна од само еден коридор, Северна Македонија денеска е земја интегрирана во енергетски проекти и вклучена во иницијативи за енергетско поврзување кои отвораат широки перспективи и за брз економски развој и за стабилно снабдување на граѓаните со евтин и еколошки енергенс како што гасот. Оваа динамика на градежни работи и во услови на пандемија, веќе го прави многу блиску гасот до индустријата и граѓаните што значи обезбедување пренос и приклучок по ниски цени, достапни за граѓаните и стимулирачки за индустријата. Магистралниот гасовод Скопје – Тетово – Гостивар, во должина од 86 километри, заклучно со септември оваа година, е реализирана на ниво 66 проценти, со проценки дека целосно ќе биде завршена во втората половина на идната година, вклучувајќи ја и изградбата на мерните станици и краците кон градовите”, изјави премиерот Заев.

Министерот за економија Крешник Бектеши истакна дека изградбата на гасоводот е најприоритетен проект во енергетиката во државата. На изградбата на националниот гасовод се работеше интензивно во изминатите три години, а со исто темпо ќе се продолжи и во наредниот период. Министерот Бектеши потенцираше дека паралелно се работи на воспоставување на јавно-приватно партнерство за изградба на дистрибутивната гасоводна мрежа.

“Ова ќе овозможи пониски цени за енергенси за индустријата и стопанството, а компаниите ќе станат поконкурентни со што ќе ги намалат нивните трошоци во делот на снабдување со енергенси, но дополнително ќе им овозможи и на граѓаните можност на снабдување со природен гас”, кажа министерот Бектеши.

Министерот Бочварски потенцираше дека се вложени сите расположливи капацитети за интензивно решавање на имотно-правните односи и забрзување на постапките за експропријација и одобрување на проектите за инфраструктурната гасификација на земјата, која  ќе придонесе за намалени емисии на штетни гасови, а со тоа и за почист воздух и поздрава животна средина, од бенефит не само за нас, туку и за идните генерации.

„Во моментов за изградба на двата магистрални гасоводи се реализираат инвестиции во висина од околу 65 милиони евра од кои 29 милиони за изградба на кракот од Скопје кон Гостивар и 36 милиони евра за изградба на гасоводот од Неготино до Битола”, рече Бочварски истакнувајќи ги следните чекори за продолжување на кракот кон Кичево-Охрид, поврзувањето со пруга крак кон Велес и Cв.Николе, како и проектите за изградба на интерконекциски врски со соседните држави.

Директорот на Национални енергетски ресурси Бајрам Реџепи ја истакна важноста од гасификацијата и рече дека иако во време на пандемија е неблагодарно да се дефинираат точни рокови, очекува навремена реализација на предвидените проекти.

Треба да знаете
Последни објави