Search

Во Општина Градско ќе се градат две Биогасни централи

Во Општина Градско на различни локации на почетокот на идната година ќе започне изградбата на две Биогасни централи. Првата за која работите се во понапредна фаза ќе биде пред управната зграда на ЗК „Вардар АД Градско” во близина на Винарија „Стоби”,  а втората чија  изградба ќе започне нешто подоцна ќе биде во близина на свињарската фарна на „АГРИА” кај село Долно Чичево.

Двете Биогасни централи ќе користат локални ресурси, ќе се подобри локалниот економски развој, ќе се искористи земјоделскиот отпад и ѓубрива од животинско потекло од локални фарми од Градско и целата општина. Воедно ќе се поттикне земјоделското производство на силажа од пченка , а пред се’ повеќекратно ќе се заштити животната средина од загадување и ќе се решат некои од децениските загадувања на почвата и водите во овој реон, како што е загадувањето од испусните води од свињарските фарми. Иста така, што е важно за месното население ќе се овозможат и нови вработувања.

Општина Градско прави предуслови за изградба на Биогасни централи

Во Општина Градско забрзано се работи на изработување на измена на Урбанистичкиот план за Градско донесен во 2018 година.

Како што информира за МИА, градоначалникот Роберт Бешовски, целта е да се создадат услови за изградба на Биогасна централа во вредност од 15 милиони евра со моќност од 3 мега вати од страна на ЗК “Вардар АД Градско”.

Бешовски најави дека следува и подготовка на локална урбанистичка планска документација за изградба на уште една Биогасна централа во вредност од 7 милиони евра со моќност од 2 мега вати во близина на фармата на АГРИА” кај село Долно Чичево, а која ќе ја гради приватен инвеститор.

Повеќекратна корист од изградбата на Биогасната централа во близина на Градско

Со изградбата на Биогасната централа од страна на ЗК „Вардар АД Градско” ќе се зголеми локалниот економски развој.

-Локалните земјоделски производители на пластеници во Градско ќе добијат можност да користат топлинска енергија – парно греење преку оваа Биогасна централа. Истовремено јавните институции и останатите државни објекти наскоро ќе имаат можност да користат топлинска енергија од Биогасната централа, најави Бешовски.

За нејзината работа ќе соработуваат со земјоделците од Општина Градско и соседните општини.Освен од своја силажа од пченка ќе откупува и од земјоделците и ќе го потикне одгледувањето на силажа од пченка.

Истовремено оваа Биогасна централа ќе го користи и отпадот од грозјето кое лозарите го носат во Винарија „Стоби” ,а која ќе биде во нејзина непосредна близина.Односно ќе се користи комињето од грозје, кое ослободува метан.

Воедно информира дека бидејќи ќе биде од голема моќност од 3 мега вати, дел од струјата ќе се продава и во системот на ЕВН, бидејќи таа е субвенционирана алтернативна струја.

Втората Биогасна централа кај Долно Чичево

Втората Биогасна централа која ќе биде во близина на свињарската фарма на „Агриа” кај село Долно Чичево ќе биде со помала моќност од 2 мега вати и затоа топлинската енергија од неа ќе се користи само за потребите на свињарската фарма, како и за производство на струја за фармата.

-Во фаза на разговори за изградба на ова Биогасна централа со општината е приватен инвестотор, информира градоначалникот Бешовски.

Додава дека како алтернативна субвенционирана струја, енергија и оваа Биогасна централа ќе се поврзе во системот на ЕВН.

Овде биоразградливиот отпад од свињите ќе се користи за добивање на биогас, а воедно ќе се заштити и животната средина.

-Со овој отпад во производство на биогас од животинско потекло, Општина Градско воедно ќе го реши и повеќедеценискиот проблем со загадување на животната средина од отпадните води на фармата, која ја загадуваат реката Вардар, потенцира Бешовски.

Како што првично е најавено за работа на Биогасната централа кај Долно Чичево ,„Агриа” ќе склучи договори со кооперанти од општина Градско за производство на силажа од пченка, а воедно ќе користи и сопствени насади на силажа од пченка,појасни Бешовски.

Тој потенцира дека Општина Градско прави големи напори за создавање на сите предуслови, а што поскоро на почетокот на 2021 да започне изградбата на првата Биогасна централа во близина на Градско Веднаш потоа и на втората во близина на Долно Чичево, а кои ќе бидат први Биогасни централи во поширокиот Повардарски регион.

Треба да знаете
Последни објави