Search

Oчајниот Јунајтед загуби и од Башакшехир

Екипата на Манчестер Јунајтед лошите игри и резултати од Премиер лигата ги преслика и во Лигата на шампионите и вечерва го запиша првиот пораз во европската елита оваа сезона.

По победите над ПСЖ и РБ Лајпциг, англискиот гигант не успеа да ја продолжи позитивната серија и заслужено загуби од турскиот претставник Истанбул Башакшехир со резултат 2-1 (2-1).

Во дресот на Јунајтед свое деби во Лигата на шампионите имаше младиот голман Дин Хендерсон, кој уште по првата посериозна закана кон неговиот гол беше приморан да ја вади топката од мрежата.

По една несфатлива ситуација и голема грешка на комплетната одбрана на „ѓаволите“ Демба Ба уште од својата половина тргна сам во контра, а така искусен голгетер не грешки од ваква позиција и го надмудри Хендерсон, за 1-0 за турскиот тим во 13. минута.

Солскјер како и на последните натпревари во Премиер лигата се реши за „ромб“ формација, со Мата, Де Бек, Матиќ и Фернандез во средниот ред, но освен посед на топката ваквиот пристап на „ѓаволите“ не донесе посериозна закана кон турскиот гол. На спротивната страна пак домашниот тим мудро ја чекаше својата шанса, а таа стигна во 40. минута, кога по една грешка на Мата, Вишча ја заби топката во англискиот гол за нова турска радост и водство од 2-0. Сепак, до крајот на првиот дел Јунајтед успеа да ја преполови предноста на противникот и преку Марсијал намали на 2-1.

Норвешкиот стратег на клупата на премиерлигашот со една замена и нова формација (4-3-3) го започна вториот дел. Во соблекувалната го остави Туанзебе, а во игра во внесе Мектоминеј, со тоа што Матиќ се врати во последната линија како партнер на капитенот Мегвајер.

Но, ниту тоа не донесе резултат, па во 60. минута шанса добија Погба и Кавани. Јунајтед и во  продолжение ја имаше топката во своите нозе, но немаше идеја како да ја пробие домашната одбрана и трите бода заслужено останаа во Турција.

Со денешниот неуспех незадоволството кај фановите на англискиот гигант ќе биде уште поголемо, а нема да биде изненадување ако овој дуел би бил еден од последните на Оле на чело на тимот.

Треба да знаете
Последни објави