Search

Мицотакис: Управување со пандемијата, без да се поткопаат основните слободи

Во изминатите месеци Европа е повикана да се обиде да најде решенија за проблем каков што немавме доживеано во блиско минато, да се ​​управува со досега невидена, смртоносна и, за жал, континуирана, здравствена криза, без да се поткопаат основните слободи, порача грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во поздравното обраќање на 130-от Самит на министрите за надворешни работи на Советот на Европа, јави дописничката на МИА од Атина.

-Несомнено коронавирусот на нашите граѓани им ги наметна, можеби најстрогите ограничувања во 70-годишната историја на Советот на Европа, истакна Мицотакис на  денешната сесија за време на грчкото претседателство, што поради пандемијата се одржа во облик на дигитален настан.

Грчкиот премиер говореше за тоа како Грција се справи со првиот бран од пандемијата и истакна дека вториот бран може да биде многу поагресивен и затоа потребно е брзо да се реагира.

-Истовремено, треба да дејствуваме, гарантирајќи ја усогласеноста на итните мерки со утврдените одредби на Европската конвенција за човекови права, додаде Мицотакис.

Во говорот потенцираше дека сега битката е со пандемијата, но во иднина ќе има нови предизвици, како што се климатските промени, транзицијата кон чиста енергија и кон нови технологии итн.

На 130-от Самит на министрите за надворешни работи на Советот на Европа, што поради пандемијата се одржа во облик на дигитален настан, учествуваше и шефот на македонската дипломатија Бујар Османи.

Треба да знаете
Последни објави