Вучиќ ги понуди болниците за лекување на граѓаните на Македонија и на Албанија

Малиот шенген е добро решение за справување со Ковид кризата меѓу Македонија Албанија и Србија. Само на овој начин со здружени сили трите земји ќе може полесно да се справат со предизвиците, а Србија е подготвена  да ги стави на располагање своите болнички капацитети за овие две соседни земји.

Ова беше изнесено на заедничката видео конференција на регионалниот форум за млади лидери на  која присуствуваше и премиерот Зоран Заев, српскиот претседател Александар Вучиќ и премиерот на Албанија Еди Рама.

Во соопштението од владата наведуваат дека премиерот Заев ја изразил потребата од заедничка соработка  додавајќи

„Во услови на криза нашите држави работат и сме во постојана комуникација помеѓу себе. Координираните одговори на најголемите предизвици кои се исправија пред нас донесоа и придобивки. Ја зајакнавме постоечката соработка, покажавме висок степен на солидарност и капацитет на носење одлуки за граѓаните на нашите земји.“

Српскиот претседател Вучиќ пак изрази жалење што се уште не е постигнат договорот за здравствена соработка во борбата против Ковид 19 но се надева дека до Самитот на ЕУ Западен Балкан истиот ќе биде постигнат.

Тој договор ќе им овозможи на граѓаните на Србија, Албанија и Северна Македонија да патуваат без ПЦР-тест, верувајќи им на здравствените власти на земјите. Тоа исто така значи и взаемна помош, меѓу другото, и на можноста граѓаните на Северна Македонија и Албанија да ги користат нашите болници за лекување, што ќе не направи многу посилни, а соработката би вклучувала и размена на медицинска опрема и сè друго што е потребно во борбата против Ковид 19.

 

 

Треба да знаете
Последни објави