Пендаровски ги прими акредитивните писма на новоименуваниoт амбасадор на Јапонија

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваниот амбасадор на Јапонија, Хиронори Савада.

На свечената церемонија на предавање на акредитиви, претседателот Пендаровски изрази подготвеност за интензивирање на политичкиот дијалог меѓу Северна Македонија и Јапонија и искажа надеж за продлабочување на севкупната соработка.

„Искрено се надевам дека за време на Вашата претстојна дипломатска мисија натамошно ќе се продлабочува македонско-јапонското пријателство, особено преку интензивирање на економските односи и отворање нови можности за привлекување јапонски инвестиции во Република Северна Македонија. Отворени сме за соработка и во сите останати домени – културата, образованието, науката и технологијата”, истакна Претседателот во обраќањето.

Претседателот Пендаровски изрази благодарност до јапонската влада за постојаната поддршка преку реализицијата на голем број проекти во повеќе сектори во нашето општество, инфраструктурни проекти, здравствениот и образовниот сектор, како и помошта добиена за справување со пандемијата на КОВИД-19.

Во своето обраќање, амбасадорот Савада истакна дека Јапонија високо ги цени напорите на Република Северна Македонија за стабилност и просперитет во регионот и изрази решителност за јакнење на меѓусебната соработка и унапредување на пријателството на билатерален и мултилатерален план.

На новоименуванот амбасадор претседателот Пендаровски му посака успех во вршењето на одговорната дипломатска функција и изрази очекување дека ќе даде придонес за подинамичен развој на меѓусебните односи, за што искажа целосна поддршка, помош и соработка.

Треба да знаете
Последни објави