Здравството во хаос- Македонија надмина 1.000 починати од корона, а власта бара донираните тестови народот да ги плаќа!

Интегрален текст од прес конференција на Дафина Стојаноска, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ

 

„Македонија ја надмина психолошката бројка од 1.000 починати од корона вирусот и никој од власта, ниту Заев, ниту Филипче, не чувствуваат одговорност за ваквата фрапантна смртност од епидемијата. Очигледно е дека власта покажува апсолутна неспособност да се справува со кризата и заради тоа се наоѓаме во земјите – црни рекордери во регионот и пошироко.

Но, не е само неспособноста на власта проблем. Проблем е и нивниот однос кон народот во време на здравствена и економска криза. Замислете, министерот Филипче најавува дека донацијата со брзи тестови за корона вирусот граѓаните ќе треба да ја плаќаат од свој џеб! Бесплатните донирани тестови, граѓаните, на сета мака која ја имаат, ќе треба да ги плаќаат од свој џеб! Овие тестови, но и други кои државата мора да ги обезбеди час поскоро, треба да бидат бесплатни за народот.

Патем, апсурдот да биде поголем, ВМРО-ДПМНЕ е партијата која предлага конкретни мерки за справување и ублажување на епидемијата, а СДСМ се однесува како опозиција и бара виновници. Еднаш тоа е опозицијата, друг пат тоа се граѓаните, а токму нивните партиски и владини функционери се заразуваат. Им посакуваме брзо закрепнување, но прашуваме кој е виновен за тоа што партиските и владините функционери се заразија од корона вирусот? Виновна е власта што дозволи неконтролирано ширење на вирусот и ненавремено справување со пандемијата.

Со денови наназад предлагаме хроничните болни, како најзагрозена категорија, да се ослободат од работа и да се прави редовен и масовен скрининг на вработените во здравството, училиштата и градинките, со цел да се спречи ширење на вирусот. За жал, власта на СДСМ е глува на ваквите совети. Гледаме дека ниту пред, ниту после измените на законот за заштита на населението од заразни болести нема апсолутно никакви конкретни мерки, туку напротив состојбите се влошуваат и излегуваат од контрола.

Дополнително, здравствениот систем ни е пред колапс, не заради неспособноста на лекарите кои максимално се борат за секој живот, туку заради неодговорноста на министерот Филипче. Илјадници граѓани во Македонија се оставени без основна здравствена заштита, а тука пред се’ мислам на оние со акутни, хронични и тешки здравствени проблеми кои, поради тоа што државата не знае да менаџира со системот, се оставени без грижа и нега. Да знаеја да менаџираат Филипче и здравствените власти, немаше целиот систем да се остави само на донации, туку државата во овој период и во месеците пред вториот бран ќе инвестираше огромни средства за што поподготвени да се справуваме со кризата. Одговорноста е кај Филипче и доколку имаше доблест, владата досега ќе го разрешеше и на негово место ќе поставеше некој друг кој и подобро и поуспешно ќе се справуваше со пандемијата. За животот и здравјето на граѓаните се работи.

 

Треба да знаете
Последни објави