Search

Пашинјан: Турција сака да дојде пред портите на Виена како во 17 век

Ерменскиот премиер, Никола Пашинјан, изјави дека Ерменија и непризнатиот регион Нагорно-Карабах се последните пречки на патот на експанзионизмот на Анкара.

„Доколку меѓународната заедница не интервенира итно, набргу ќе ги види Турците пред портите на Виена како во 17 век“, рече Пашинјан во интервју објавено на веб-страницата на ерменската влада.

Според него, меѓународната јавност сфатила и признала дека Турција префрлила борци од Сирија во зоната на конфликти во Нагорно-Карабах со цел да му помогне на Азербејџан, пренесува „Спутник“.

„Од таа причина, по целата линија на фронтот се води борба против тероризмот, каде што цивилизацијата се спротивставува на варварството. Неопходно е да се разбере заканата што ја претставуваат џихадистите што се наоѓаат во зоната на воени операции“, истакна Пашинјан.

Тој додаде дека опцијата да се елиминира таа закана е меѓународната заедница и европските земји да ја признаат независноста на Нагорно-Карабах.

Обединетите нации денеска изразија надеж дека состанокот на министрите за надворешни работи на Русија, Ерменија и на  Азербејџан во Москва ќе доведе до прекин на воените дејства во Нагорно-Карабах.

Подготовките за тие разговори се во тек откако денеска рускиот претседател Владимир Путин ги покани претставниците на двете земји да дојдат во Русија на консултации за состојбата.

Треба да знаете
Последни објави