Search

Почина легендарниот гитарист Еди ван Хален

Славниот рок гитарист Еди ван Хален, почина од рак на 65 години, потврди неговиот син Волфганг. Американскиот музичар со холандско потекло долго време се лекуваше од рак на грлото и почина утрово.

Еди ја основал „Ван Хален“ заедно со својот брат Алекс во 1972 година и истоимениот прв албум од 1978 навести дека тоа ќе биде бенд кој ќе се врти околу неговото маестрално свирење. Групата издаде 12 студиски албуми и беше еден од предводниците на американскиот хеви метал во 1980-ите, што беше зацементирано со хитот „Скокај“ (Jump), кој се најде и на првото место на американската топ листа во 1984. Групата продаде повеќе од 80 милиони албуми во својата кариера.

„Ролинг стоун“ го избра Ван Хален за осмиот најдобар гитарист на сите времиња на својата топ 100 листа. Во теот на неговата кариера, Еди смисли три нови начини на позиционирање на гитарата за да произведе посилен звук и секогаш свиреше со гитарата во хоризонтална позиција.

„Не можам да верувам дека морам да го напишам ова, но мојот татко, Едвард Лодевик Ван Хален, утрово ја загуби долгата и мачна битка со ракот. Тој беше најдобриот татко што некогаш можев да го посакам. Секој момент што го споделував со него на, и надвор од сцената, беше подарок.“ – објави неговиот син музичарот Волфганг ван Хален на Твитер.

Еди Ван Хален зад себе има два брака, првиот со актерката Валери Бертинели со која го има синот Волфганг и вториот со неговата публицистка Џени Лизецки.

Треба да знаете
Последни објави