Search

Средба на министерот Спасовски со Никола Бертолини ,раководител на Одделот за соработка при Делегацијата на ЕУ

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска оствари работна средба со претставници на Делегацијата на Европската унија, предводени од Никола Бертолини, раководител на Одделот за соработка, Фрек Јанмат, раководител на Оддел  и  Даница Стошевска,програм менаџер.

На средбата покрај министерот Спасовски присуствуваа и државниот секретар во Министерството за внатрешни работи Магдалена Несторовски, помошникот на министерот за ЕУ и меѓународна соработка Муамет Реџепи, началникот  на Секторот за ИПА и програми на заедницата- ИПА координатор во Министерството за внатрешни работи Маја Цветковска.

На состанокот  беше разгледана досегашната соработка помеѓу Министерството за внатрешни работи и Делегацијата на Европската унија во делот на спроведувањето на проектите финансирани преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА).

Од страна на г-дин  Бертолини беше изразено задоволство од постигнатото во рамките на веќе спроведените проекти кои се имплементираат во министерството и изрази надеж дека посветеноста ќе продолжи со ист интензитет.

Министерот Спасовски во име на Министерството за внатрешни работи и се заблагодари на Делегацијата на ЕУ за досегашната поддршка и потенцираше дека истата е од исклучителна важност за министерството, и дека од наша страна ќе бидат обезбедени  сите ресурси со цел максимално и рационално искористување на финансиската поддршка која е наменета за постигнување на европските стандарди во полициското работење.

За време на состанокот исто така се разговараше и за идните проекти кои се дел од Националната ИПА програма за 2020 година, како и за процесот на програмирање за ИПА III програмата, по што заеднички беше донесен заклучок дека ќе се продолжи со интензивни активности  во наредниот период со цел финализирање на Стратешките одговори како основа за идното програмирање и обезбедување на сите неопходни предуслови од страна на министерството за внатрешни работи и целосна посветеност во нивната подготовка.

Двајцата соговорници изразија уверување и подготвеност за продолжување на одличната соработка и во иднина.

Треба да знаете
Последни објави