Search

Итна седница на Советот за безбедност на ООН за регионот Нагорно Карабах

Утре ќе се одржи итна седница на Советот за безбедност на ООН за регионот Нагорно Карабах, каде се водат судири меѓу ерменските и азербејџанските безбедносни сили.

Сесијата ќе се одржи на барање на европските земји, изјавија дипломатски извори за АФП.

Германија и Франција ја покренаа иницијативата, но ја поддржаа и други европски земји – Естонија, Белгија и Велика Британија, наведоа истите извори вечерва, додавајќи дека сесијата ќе биде зад затворени врати.

Според последниот биланс, во конфликтот досега загинале најмалку 67 лица.

Ерменија и Азербејџан се борат со децении околу Нагорно Карабах, област со мнозинство Ерменци, која беше анектирана од Азербејџан за време на советската ера.

Во судирите за контрола на Нагорно Карабах помеѓу 1988 и 1994 година загинаа 30 000 луѓе, а стотици илјади избегаа.

Примирјето беше потпишано во 1994 година, но Баку и Ереван не се согласија за правниот статус на спорната област, која сè уште официјално е дел од Азербејџан. Оттогаш, повремено избиваат конфликти во областа.

Областа се наоѓа помеѓу Иран, Русија и Турција.

Треба да знаете
Последни објави