Search

Бајдевски е непроменет лик – Макрадули, Жерновски и Колемишевски отпаднаа од игра за заменици-министри

Бајдевски е непроменет лик, Макрадули, Жерновски и Колемишевски отпаднаа од игра за заменици-министри

Од списокот што е доставен во парламентот може да се заклучи дека Заев се решил на поголеми кадровски промени во вториот отколку во првиот ешалон на власта, а во согласност со договорот што го постигнал со коалициските партнери

Премиерот Зоран Заев го доставил до парламентот новиот список на заменик-министри во неговиот кабинет, кои се очекува да бидат избрани на функциите во почетокот на следната седмица.

Од списокот со кандидати за заменик-министри може да се забележи дека Заев се решил на поголеми кадровски промени во вториот отколку во првиот ешалон на власта, а во согласност со договорот што го постигнал со коалициските партнери.

Дел од заменик-министрите што беа поекспонирани за време на мандатот на претходната влада сега ги нема меѓу кандидатите чии имиња и биографии се испратени во Собранието.

Јани Макрадули, Кирил Колемишевски, Андреј Жерновски, Оливер Ристовски… сите од СДСМ се меѓу оние што веќе нема да бидат дел од втората постава на власта, иако, како што велат од СДСМ, не е исклучено некои од оние што не добија втор мандат нешто подоцна да бидат ангажирани на други државни функции, во т.н. трет ешалон на власта.

Според списокот на кандидати за заменик-министри што Владата го достави до медиумите, на местото на Макрадули, како заменик-министерка за животна средина доаѓа Христина Оџаклиеска од ДОМ.

Во заменик-министерскиот список има само уште една жена – Фатмире Исаку, која доаѓа на местото на Жерновски во МНР, а како кадар на ДПА.

Во економија како заменик доаѓа Зоран Маневски од НСДП, наместо Колемишевски. Заменичкото место во локална самоуправа, пак, му припадна на Демократскиот сојуз, а кандидат е новинарот Зоран Димитровски.

Наместо Оливер Ристовски, како заменик во правда се сели досегашниот заменик-министер во МВР, Агим Нухиу (ДУИ), на чие, пак, место во полицијата доаѓа Назим Буши, исто така од ДУИ. Партијата на Али Ахмети го добива повторно и заменик-министерското место во здравство, каде што доаѓа друг лекар – Илир Хасани, наместо Арменд Аслани. Во образование, пак, доаѓа Арафат Шабани, наместо Елизабета Наумовска (СДСМ)

  • СПИСОКОТ ШТО ЗАЕВ ГО ДОСТАВИ ВО ПАРЛАМЕНТОТ

Назим Буши, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за внатрешни работи;

Башким Хасани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за одбрана;

Агим Нухиу, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за правда;

Илхан Рахман, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците;

Фатмире Исаки, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за надворешни работи;

Димитар Ковачевски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за финансии;

Зоран Маневски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за економија;

Трајан Димковски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство;

Илир Хасани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за здравство;

Арафат Шабани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за образование и наука;

Енвер Хусејин, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за труд и социјална политика;

Зоран Димитровски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за локална самоуправа;

Седат Сулејмани, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за култура;

Александар Бајдевски, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за информатичко општество и администрација;

Беким Реџепи, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за транспорт и врски;

Христина Оџаклиеска, за заменик на министерот кој раководи со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Од редовите на ДУИ, на новиот заменички список ја нема ниту досегашната заменик-министерка за финансии Ширет Елези. Со оглед на тоа што ДУИ го доби министерското место во овој ресор, сега заменикот ќе биде од СДСМ. За таа функција е номиниран Димитар Ковачевски, поранешен директор во „Телеком“, а потоа во ВИП.

СДСМ презема уште две заменик-министерски позиции – во МИОА, каде што останува и до сега актуелен заменик министер Александар Бајдевски и во земјоделство, каде што се сели доскорешниот министер Трајан Димков.

Треба да знаете
Последни објави