Search

Македонски Телеком ќе исплати дивиденда од 21,6 милиони евра

Акционерите на Македонски Телеком АД – Скопје на 28-ми овој месец ќе ја добијат дивидендата за 2019 година, информира  компанијата преку  Македонска берза.

Одлуката за исплата на дивидендата Собранието на акционери на Македонски Телеком ја донесе на крајот на јуни годинава, поточно на 30.06.2020 година.

Македонски Телеком за дивиденда годинава издвои вкупен бруто износ од 1.328.387.395 денари  (околу 21,6 милиони евра) или бруто износ од 15,40 денари по акција во кои се вклучени сите даноци.

Минатата година, Македонски Телеком оствари вкупна добивка од 27 милиони евра. Дел од добивката ќе биде наменета за исплата на дивиденда, а дел ќе се инвестира во компанијата.

Најголем акционер во компанијата е Дојче Телеком, кој поседува 51% од акциите преку локалната компанија „Каменимост АД“. Македонската влада има удел од 34,8% во капиталот на „Македонски Телеком“.

Дивиденда ќе добијат и малцинските акционери, кои во најголем дел се вработени и пензионери од телекомуникациската компанија, а кои поседуваат 2,54% од капиталот. Меѓународната финансиска корпорација ИФЦ поседува 1,64% од акциите, а „Македонски Телеком“ поседува и 10% од сопствените акции.

Треба да знаете
Последни објави