Search

Истражување на „360 степени“: Судската архива полна со условни казни за смртоносни сообраќајки

Случајот „Млечен“ отвори многу правни дилеми околу пресудите кои се изрекуваат за сообраќајните несреќи, па истражувањето на „360 степени“ покажало дека условната казна, како во случајот на семејството Димитриевски, многу често се пресудува.

Треба да се истакне дека истражувањето е врз основа на 14 пресуди за сообраќајни незгоди по случаен избор од судската интернет архива, а кои завршиле со смртен исход.

Во сите пресуди обвинението е за истото кривично дело како и во случајот со „Млечен“, а обвинетиот/обвинетата признале вина. Само во 5 случаи е изречена затворска казна и тоа највисоката е една година зад решетки.

Пресудите се поделени на две групи според една клучна околност – дали за сообраќајката со смртоносни последици бил виновен само обвинетиот или удел во несреќата имал и починатиот.

Од седумте случаи во кои барем мала вина имал и загинатиот, на пример пешак кој се движел по коловоз, обвинетиот возач бил казнет со затворска казна само во еден случај. Сите други се условни осуди. Од седумте случаи во кои нема никаква вина на загинатиот, тројца обвинети добиле условни осуди. Останатите четворица добиле затворски казни, при што највисоката е од една година.

Една од пресудите е и за Атанас Трајковски од Скопје, пензионер, вдовец и татко на три деца, на 5 мај 2015 година ја управувал својата „Шкода“ на улица „Бутелска“. Возел со 41 км/ч, што е значително поспоро од тогаш дозволените 60 км/ч на тоа место. Но, сепак, кога се приближил на еден од пешачките премини не го видел пешакот М.К. Жртвата починала три часа по приемот во болница, а предметната судијка Добрила Кацарска пресудила – условна казна затвор од две години, односно истата казна како во случајот „Млечен“.

Образложението на судијката за условната осуда содржи пошироко објаснување. Високо го ценела фактот што возачот признал вина, но навела и дека возачот возел трезен, дека возилото било исправно, дека не возел брзо а и дека имал здравствени проблеми.

Па сепак, дала условната осуда иако судот констатирал дека „возачот… имал направено пропусти кои резултирале со сообраќајната незгода, а пешакот немал направено пропусти во предметната сообраќајна незгода“.

Целото истражување на „360 степени“.

Треба да знаете
Последни објави