Search

Познат германски виролог предлага самоизолацијата да трае пет дена

Познатиот германски виролог Кристијан Дростен од универзитетската болница „Шарита“ во Берлин се огласи во својот редовен подкаст на кој зборуваше за скратување на периодот на самоизолација на пет дена. Досега самоизолацијата во Германија траеше две недели.

Дростен се залага за скратување на самоизолацијата затоа што смета дека со тоа ќе се одржи нивото на прифаќање на мерките од страна на граѓаните, но додава и дека петдневната самоизолација е на работ на епидемиолошки прифатлив период.

Овој виролог им препорачува на оние кои се во самоизолација да не го трошат тој период на тестирање, туку да се тестираат откако ќе помине самоизолацијата. Дростен верува дека заразените со коронавирус се најинфективни во период од пет дена, но и самиот тој забележува дека ова сепак е недокажана теза.

Неговата изјава предизвика дебата во германската јавност, па подоцна Дростен појасни дека неговиот предлог се однесува на т.н. кластери на заразени, а не општо за сите.

Во секој случај, германските сојузни и покраински власти се согласија дека за оние кои доаѓаат во Германија од области со висок ризик, потребно е задолжително тестирање на коронавирус и петдневна изолација.

Треба да знаете
Последни објави