Search

И ЛГБТ заедницата се приклучи на протестите против Лукашенко

Неколку илјади жени денеска маршираа низ главниот град на Белорусија, барајќи оставка од претседателот Александар Лукашенко.

Исто така и студентите протестираа поради притворањето на нивни колеги за време на демонстрациите по претседателските избори.

Денес, припадниците на ЛГБТ заедницата за прв пат се појавија на демонстрациите во Минск со знамиња во боја на виножитото.

„Асошиејтед прес“ оценува дека овој потег значи оти демонстрантите стануваат сè похрабри.

„ЛГБТ луѓето повикуваат на слобода. Доста ни е да живееме во диктатурата каде што едноставно не постоевме“, изјави за АП демонстрантката Ана Бредова.

Иако истополовите активности во Белорусија се легализирани во 1994 година, сепак тие се стигматизирани.

Властите не дозволуваат регистрација на ниту една ЛГБТ организација во Белорусија.

Според организацијата за човекови права „Вијасна“, околу 5.000 жени учествувале на денешниот марш.

Претходно денеска, стотици студенти формираа човечки обрачи во знак на протест против притворањето на студенти од Државниот лингвистички универзитет.

„Вијасна“ соопшти дека денеска биле приведени околу 20 студенти.

Треба да знаете
Последни објави