Брнабиќ: Србија на ниту еден начин не влијаела врз изборниот процес во Црна Гора

Српската премиерка Ана Брнабиќ изјави дека Србија на ниту еден начин не се меша во внатрешните работи на Црна Гора и дека на ниту еден начин не влијаела врз изборниот процес во Црна Гора.

Таа во соопштение вели дека има обврска да реагира на ставовите искажани во интервјуто на црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ, кој рече дека е можно неговата партија да изгубила „поради незадоволството на граѓаните од некои политики”, што не го достигна нивото на очекуваните стандарди, но како можна причина тој ја наведе „манипулацијата со Црквата и официјален Белград околу Законот за слобода на религијата, кој (Белград) го иницираше и го водеше од декември минатата година до денес”.

Брнабиќ рече дека „ова е обид за политичка измама што Ѓукановиќ го користи за да ги објасни причините за изборниот резултат на неговата партија”.

– Во изминатите осум години, претседателот на Србија, Александар Вучиќ ги спомена Црна Гора и Мило Ѓукановиќ помалку отколку што Ѓукановиќ ги спомна Србија и претседателот Вучиќ само во ова интервју, и секогаш, како и многу пати претходно, во негативен контекст, рече Брнабиќ.

Таа додаде дека Србија „на ниту еден начин не се меша во внатрешните работи на Црна Гора и на никаков начин не влијаела на изборниот процес во Црна Гора”.

– Ова е факт што Ѓукановиќ не може да го оспори. Нема збор за тоа дека Црна Гора на кој било начин е загрозена од Србија и повеќе од јасно е дека Ѓукановиќ е заробен во политички фрази што ги користеше со години за да прави лажни приказни за загрозеноста на Црна Гора и да добива политички поени наместо да се фокусира на реалните потреби и проблеми на неговите граѓани, изјави Брнабиќ.

Таа истакна дека Србија сака најдобри односи со Црна Гора и со сите земји во регионот.

Според неа, Србија е посветена на изградба на „стабилен, поврзан и сигурен Балкан”.

Премиерката Брнабиќ рече дека Србија е подготвена да и подаде рака на секоја идеја што ќе доведе до подобрување на животниот стандард, создавање работни места, градење посигурна иднина за сите граѓани од овој дел на Европа, „во надеж дека сите наскоро ќе станеме членки на Европската унија”.

– Тоа е она што сакам да им го кажам на Ѓукановиќ, на граѓаните на Црна Гора и на граѓаните на Србија, рече Брнабиќ.

Треба да знаете
Последни објави