Search

Судскиот процес за Златна зора е пред крај, пресудата во текот на следниот месец

Еден од најдолгите, а веројатно и најдолгиот, но и најобемен судски процес во Грција против партијата Златна зора, се очекува да заврши до крајот на неделава, а конечните одлуки и пресудата за обвинетите, веројатно ќе бидат соопштени во октомври, доколку сѐ оди според планот. Судскиот процес започна во април 2015 година, а по пет и пол години, полека се ближи до крајот.

Главното обвинение е дека политичката партија всушност функционирала како криминална организација и стои зад низа инциденти, расистички напади, но и зад убиството на музичарот Павлос Фисас пред седум години.

Адвокатот на оштетените Костас Пападакис во разговор со дописничката на МИА од Атина истакнува дека конечните одлуки и пресудата, секако ќе бидат до крајот на годината.

-Процесот е стигнат до крај и во тек е сослушувањето на претпоследниот, 44-от по ред адвокат на одбраната. Според сегашните предвидувања, судењето се очекува да заврши оваа седмица, до петок, освен ако последните две сослушувања траат повеќе, вели Пападакис .

Адвокатот објснува дека по завршувањето со сите искази, претседателката на Судот ќе го соопшти датумот за конечната пресуда.

-Она што е веројатно е дека датумот што ќе биде соопштен, па дури и да има пролонгирање, нема биде повеќе од еден месец од последниот ден од судењето, објаснува адвокатот за МИА.

Според тоа, доколку последното рочиште заврши регуларно во петок, тогаш пресудите би можеле да бидат соопштени во октомври.

Во полупразната сала во атинскиот суд, во присуство само на адвокатите, но не и на обвинетите, рано утрово започна 451-то рочиште и сослушувањето на претпоследниот адвокат на одбраната.

Во исто време, пред судот, членови на антифашистички и левичарски организации одржаа мирен протест, упатувајќи пораки дека „На неонацистите местото им е во затвор”, „Неонацистите не се невини”, „слобода на народот, смрт за фашизмот”; „Убијците од Златна зора да бидат испратени во затвор”; „Златна зора е криминална организација” итн.

Заедно со демонстрантите беше и Магда Фиса, мајката на убиениот музичар Павлос Фисас во септември 2014 година, што беше и причината и поводот за подлабоко да се истражат активностите на Златна зора, која тогаш беше дел и од грчкиот Парламент, како и да се формира обемен судски предмет и 19 месеци подоцна да започне судењето.

Магда Фиса, ги следи речиси сите рочишта од почетот на процесот пред пет и пол години.

Судскиот процес за Златна зора, која е осомничена за криминална група, за низа расистички напади и две убиства, започна на 20 април 2015 во специјално адаптирана просторија во атинскиот затвор „Коридалос”, а подоцна беше префрлен во судница.

Многумина во Грција, тогаш, судењето го нарекуваат историско, а првото рочиште се одржа со огромна медиумска покриеност, како од грчките, така и од светските медиуми.

По прекинот во март годинава, поради пандемијата, судењето продолжи на крајот од јуни, а во текот на оваа седмица се одржуваат последните неколку рочишта и се очекува во петок да финализира едно од најдолгите судења во Грција

Треба да знаете
Последни објави