Search

Средба на претседателот Пендаровски со американската амбасадорка Брнс 

Претседателот Стево Пендаровски денеска ја прими амбасадорката на САД во земјава, Кејт Брнс.

На средбата се разговараше за предизвиците коишто ги носи пандемијата на КОВИД-19, во чие справување од помош беше и американската поддршка за здравствените работници, како и за останатите сектори за граѓаните коишто беа погодени од кризата.

Соговорниците разменија мислења и за предизвиците коишто и претстојат на новата влада и потребата од одржување на националниот консензус со цел успешно да ги спроведеме реформите потребни за исполнување на нашата втора стратешка цел, членството во ЕУ, откако станавме полноправна членка на НАТО изминатата пролет.

Истовремено, амбасадорката Брнс на претседателот Пендаровски му ја предаде честитката од претседателот на САД  Доналд Трамп по повод 8 Септември, Денот на независноста, којашто ја проследуваме во целост.

„Почитуван г-дин претседател,

Во име на американскиот народ, Вам и на граѓаните на Северна Македонија ви го честитам  Денот на независноста, 8 Септември.

Оваа година одбележувањето е во околности кога сме соочени со глобалната пандемија. И покрај овој огромен предизвик, Северна Македонија безбедно и транспарентно одржа демократски избори во јули, а вашата земја останува посветена на унапредување на безбедноста, стабилноста и просперитетот во регионот. Во прилог на позитивниот исчекор со зачленувањето во НАТО, Северна Македонија веќе придонесува кон Алијансата, како домаќин на големи вежби на воениот полигон Криволак. Соединетите Држави се горди што се ваш сојузник и ги поддржуваме аспирациите на Северна Македонија за понатамошна европска интеграција и вашиот пат кон членство во Европската унија.”

Треба да знаете
Последни објави