Почна судењето на соучесниците во нападот на „Шарли Едбо” во 2015 година

Во суд во Париз денеска почна процесот против тринаесет мажи и една жена, обвинети дека биле соучесесници на радикалните исламисти, кои во јануари 2015 година убија 17 лица во редакцијата на сатиричниот весник „Шарли Ебдо” и на еврејскиот пазар.

Пет години подоцна, земјата се сеќава на еден од најтрагичните терористички напади, а францускиот премиер Жан Кастекс на Твитер напиша „Шарли засекогаш”.

На 7 јануари 2015 година, Саид и Шериф Куачи, вооружени со автоматско оружје, отворија оган во редакцијата на сатиричниот весник „Шарли Ебдо”, чија сатира за религијата и расата во тоа време ги испитуваше границите на слободата на говор, потсетува „Гласот на Америка”.

Браќата Куачи убија 12 членови на редакцијата и тврдеа дека зад нив стои Ал Каеда.

Следниот ден, Амеди Колибал, соработник на Шериф Куачи, уби полицајка, а ден потоа на еверејскиот пазар уби уште четворица Евреи, порачувајќи дека убива во името на Исламска држава.

Тројцата терористи беа убиени во судири со полицијата.

Четиринаесетмината осомничени за нападите се обвинети за финансирање на тероризам, членство во терористички организации и набавка на оружје за терористите. На тројцата им се суди во отсуство.

Во 2015 година во Франција беа убиени повеќе од 250 лица во напади на исламистички терористи.

Треба да знаете
Последни објави