Search

Механизација црпи песок од езерото и ја полни базата на Усеини

Механизацијата во сопственост на Нефи Усеини копа песок од литоралот, односно крајбрежјето на Охридското Езеро, за потребите на бетонската база која требаше да биде урната, обвинува неформалното еколошко движење „Охрид SOS“, објави „Охридњус“.

Локацијата каде се копа е во права линија со базата. Охрижанецот кој го споделил видеото се обидел да се доближи до машините и возилата, за подобро да види што се случува, но добил вербални закани, тврдат од еколошкото движење „Охрид SOS“.

-Зарем бетонската база не се демонтираше и рушеше? Дали Оливер Спасовски и Министерство за внатрешни работи ќе се одважат и ќе ги запрат овие активности на брегот и вистински, до крај, ќе ја спроведат акцијата за прекин на работата на нелегалната бетонска база? Што е приоритет – јавниот интерес, заштита на животната средина и почитување на правдата и законите или еден надмен поединец кој изминативе години е неприкосновен и оставен да прави што сака во општината? – прашуваат од „Охрид SOS“.

Неформалното еколошко движење бара веднаш, уште денес, властите да започнат со брза и одлучна акција и да го запрат дивото копање езерски песок од крајбрежјето и да ги казнат физичките или правните лица кои ги изведуваат градежните активности.

-Ќе ја затворите бетонската база и ќе наложите нејзино демонтирање и рушење. Ако на почеток Усеини побарал сам да го стори тоа, а се покажа дека само излажал и купувал време, сега најдете фирма која ќе го стори тоа. Не чекајте, ако „Македонијапат“ ја руши дивоградбата во Скопје, нека дојдат после тоа и во Охрид, да се продолжи низата. Во спротивно од старт ќе покажете дека новата влада е само лицемерие и неспособност завиткано во убава хартија. Само вистинска и решителна акција ќе покаже дека сите тие зборови не се само празни фрази во етерот, и се обраќаат на новата Влада активистите на „Охрид SOS“.

Треба да знаете
Последни објави