Search

ЗЛУМ Драудакум со уметнички слики им се заблагодари на медицинските лица

Здружението на ликовни уметници во Македонија „Драудакум” и подари осум ликовни дела на управата на гостиварската општа болница „Ферид Мурад”.

Делата кои денеска беа предадени на пригодна средба ќе бидат поставени во неодамна реновираното одделение за хирургија.

Решат Амети, претседател на ЗЛУМ „Драудакум”, напомена дека донираните слики се знак на благодарност до „белите мантили” кои беа и остануваат први на фронтот во борбата против пандемијата од КОВИД-19.

– Со овој наш гест ја искажуваме благодарност за нивната пожртвуваност и труд што го вложуваат за да го сочуваат нашето здравје. На овој начин ќе го хуманизираме просторот и да придонесеме за намалување на физичката болка на пациентите кои престојуваат тука, изјави Амети.

Директорот на гостиварската болница, Јакуп Јакупи, искажа благодарност за одѕивот на нивното барање да добијат неколку уметнички дела за да го облагородат просторот. Јакупи смета дека со овие дела освен што ќе ги красат ѕидовите на „хирургија” со уметност, ќе придонесат и подобро расположение на пациентите и вработените.

Уметничките дела се од фондот на „Драудакум” кои ги создавале локални и странски уметници за време на ликовната колонија која се организира изминативе петнаесетина години.

Според најавите реновираниот хируршки оддел во гостиварската болница се очекува да биде пуштен во употреба на почетокот од октомври.

Треба да знаете
Последни објави