Search

Владата во Црна Гора ќе се екипира на четири принципи и ќе има експертски карактер

Лидерите на трите партии што заедно освоија мнозинство во црногорскиот парламент договориле четири принципи на кои ќе се темели идната влада, а која е најавено дека ќе има експертски карактер.

Здравко Кривокапиќ, Алекса Бечиќ и Дритан Абазовиќ,  предводници на коалициите „За иднината на Црна Гора“, „Мирот е нашата нација“ и „Црно-бело“, договориле идната влада да ги спроведе сите меѓународни обврски преземени од претходната влада, потоа реализирање на сите неопходни реформи за што е можно поскоро пристапување на Црна Гора кон Европската Унија, вклучување експерти во кабинетот, односно кадри што се стручњаци од своите области без оглед на нивната политичка, верска, национална или каква било друга припадност. Четвртиот принцип на кој ќе се темели идната влада е целосна посветеност на почитувањето на Уставот и примената на законите, но и измени, дополнувања и ревизии на сите законски и подзаконски акти што се оценети како „дискриминаторски“, вклучувајќи го и контроверзниот Закон за слобода за вероисповедта, чие усвојување при крајот на минатата година предизвика масовни и жестоки протести низ земјата.

Трите партии притоа ги поканија и политичките претставници на малцинствата што освоија пратенички места да ѝ се приклучат на владата заради „заедничко градење поубава и просперитетна иднина на Црна Гора“.

 

Треба да знаете
Последни објави