Search

По 15 септември ќе се знае колку ученици ќе ја следат наставата со физичко присуство

Министерката за образование и наука Мила Царовска денеска изјави дека сè уште не знае колку од учениците ќе ја следат наставата со физичко присуство, а колку онлајн.

– Тој процент ќе се знае по 15 септември, бидејќи во моментов тече повикот кон сите основачи или сите општини и совети на училиштата, кои треба да се обратат до Комисијата во Владата, која треба да им одговори позитивно или негативно. Во тој момент ќе имаме пресек колку од нив стартуваат со физичко присуство, а колку ученици ќе ја следат наставата со учење од далечина, рече министерката Царовска.

Таа потенцира дека се работи за динамичен процес и оти не значи дека оние кои ќе почнат со физичко присуство, доколку епидемиолошката слика во општината се промени, така и ќе продолжат, а се ќе зависи од епидемиолошката слика.

– Ако во одредено училиште се појави ширење на заразата, ќе се даде насока тоа да ја продолжи наставата онлајн. Целиот образовен систем го подготвуваме за онлајн настава, потенцира Царовска.

Според податоците, во учебната 2020/2021 во прво одделение се запишале 20.796, а за прва година средно образование 16.308 ученици. Мината година, 187.000 се запишале во основно образование, а 71.200 во средно. Таа потенцираше дека, иако законските рокови за уписите во училиштата траат до крајот на септември, не очекува да има поголема промена на актуелните бројки.

Министерот за здравство Венко Филипче истакна дека протоколите биле работени детално, со цел да се опфатат сите аспекти, како на пример, движење на учениците, нивниот број во паралелка, контактите за време на одморите, со придржување на сите мерки за превенција и проблемите кои би се појавиле доколку не се почитуваат мерките за заштита. Министерот посочи дека во други држави дошло до влошување на епидемиолошката слика откако училиштата целосно биле отворени.

– Почетокот на учебната година намерно го препорачавме да биде почетокот на октомври, со цел да ја следиме и да видиме каква ќе биде епидемиската слика во месец септември, кога поради други фактори, сметаме дека може да има потенцијални ризици, кои можат епидемијата ја влошат. Луѓето се враќаат од патувања, се враќаат на работни места, а тоа се ризици кои можат да ја влошат ситуацијата, рече Филипче, кој информираше дека во Владата се разговара за отворање на градинките.

Тој истакна дека во септември ќе се следи состојбата и ако има влошување на епидемијата тогаш ќе носат одлуки кои ќе одговараат на таа ситуација и ќе се стори се за да оптоварување на здравствениот систем.

Треба да знаете
Последни објави